Украинските единици за беспилотни летала објавија дека за само три дена успеале да погодат и уништат три современи руски противвоздушни системи – Бук-М1, Бук-М2 и Тор-М2 – со вкупна проценета вредност од околу 60 милиони долари. Акцијата, изведена со прецизни напади на дронови, ја ослабува руската воздушна одбрана на критични делови од фронтот.
Според официјалното соопштение на Телеграм, операцијата ја извршиле операторите од бојната „Асгард“ на 412. бригада „Немезис“, заедно со 12. Центар за специјални намени и специјалната единица „Кабул 9“ при украинската воена разузнавачка служба HUR. Целите – трите противвоздушни системи – се сметаат за меѓу најскапата и најзначајна руска воена опрема распоредена на боиштето.
Системите што биле погодени имаат клучна улога во руската воздушна одбрана:
Бук-М1 е мобилен систем за уништување авиони и крстосувачки ракети,
Бук-М2 претставува модернизирана верзија со поголем домет и побрз радар,
додека Тор-М2 е специјализиран за пресретнување дронови и нисколетачки прецизни проектили.
Украинските сили наведуваат дека нивното уништување значително го ослабува руското покритие на небото над стратешки зони.
Истовремено, Украина ја зголемува фреквенцијата на далекуметни напади со дронови врз Русија и окупираните територии. Во ноќта меѓу 27 и 28 ноември, елитната единица Madyar’s Birds погодила и ставила во прекин работа на рафинеријата во Саратов, еден од најзначајните руски енергетски капацитети.
Командантот Роберт Бровди најави дека следува уште поинтензивна кампања насочена кон руската енергетска и логистичка инфраструктура, како одговор на нападите врз украинската мрежа. „Следува период што ќе биде уште погласен и многу поинтензивен“, порача тој.
Во последните недели, украинските беспилотни сили погодија фабрика за бром во Перекоп, голема трафостаница на Крим, како и база со руски јуришни дронови „Орион“. Во друга операција, припадниците на 413. полк „Raid“ оштетиле нов, ретко користен руски јуришен оклопен систем близу границата меѓу Дњепропетровската и Доњецката област, попречувајќи ги плановите на Москва за продор во внатрешноста на украинската територија.

