Казните од „Сејф сити“ наместо од први јануари до прекршителите во сообраќајот ќе притигнуваат од 1-ви феруари. Ваквата вест, денеска ја соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, посочувајќи дека причината за одложувањето, била јавноста подобро да се запознае со начинот на работењето на системот.
Според неофицијални информации, зад ваквата изјава на првиот полицаец најверојатно се крие неподготвноста на власта околу предлог – измените на законите кои треба да поминат во Собранието. Затоа и системот „Сејф сити“ и изјавите на Тошковски се само тест и теорија.
Тошковски денеска ја отвори дилемата за одложување на почетокот на системот кој треба да ги лови прекршителите во сообраќајот, велејќи дека ‘иако целта на системот за евидентирање и санкционирање сообраќајни прекршоци „Сејф Сити“ е да стартува од 1 јануари 2026, поради, суштинска проверка на системот, но и подобро запознавање на јавноста со начинот на неговото работење, се размислува за едномесечно одложување на датумот за пуштање на „Сејф сити“, односно казните да започнат на 1 февруари’.
Министерот за внатрешни работи, уште рече дека во текот на оваа недела ќе биле разгледани сите законски процеси, за кои има предлог-решенија.
„Чекавме реакција од системот и јавноста, за да можеме да влеземе со предлог-законските мерки во Собрание. Има опција почетокот да биде на 1 јануари или 1 февруари, но не сакаме да избрзаме со решението, затоа можеби и ќе продолжиме да тестираме уште месец дена за суштински да го провериме системот и за граѓаните да можат подобро да се запознаат“, вели Тошковски.
Министерот рече дека планот на МВР е „Сејф сити“ да биде имплементиран на територија на целата држава и појасни дека уште не е конечна листата на прекршоци што ќе се санкционираат.
Засега, камерите на „Безбеден град“ се поставени на територија на Скопје, Тетово, Куманово, како и на коридорите 8 и 10, за каде има одредени технички проблеми и таму немало можност да се направи пробно пуштање на камерите, но во наредните неколку недели и тие камери ќе бидат подготвени за работење, велат од МВР за „Слободен печат“.

