NASA предупредува: Светлосното загадување од сателити го загрозува работењето на вселенските телескопи

Експоненцијалниот раст на бројот на сателити во ниската Земјина орбита сериозно ја попречува работата на вселенските опсерватории, покажува нова студија на НАСА. Светлината што ја рефлектираат и емитуваат комуникациските сателити се појавува како траги на фотографиите што ги снимаат телескопите, контаминирајќи ги научните податоци.

Според истражувањето, објавено во списанието Nature, дури 40% од фотографиите на телескопот „Хабл“ и околу 96% од снимките на опсерваторијата SPHEREx би можеле да бидат загадени од сателитска светлина во текот на следната деценија. Идентичен процент на „контаминирани“ снимки се очекува и кај два планирани телескопи, европскиот ARRAKIHS и кинескиот Xuntian.

Научниците појаснуваат дека „Хабл“ ќе биде нешто помалку засегнат поради неговото потесно видно поле, но проблемот останува сериозен и растечки.

Истражувачот Алехандро Борлаф од NASA Ames истакнува дека сателитите создаваат повеќекратно светлосно загадување:
– „Додека телескопите ‘гледаат’ во длабокиот космос барајќи галаксии, планети и астероиди, сателитите често поминуваат низ кадарот оставајќи светли траги што го нарушуваат слабичкиот сигнал што доаѓа од универзумот.“

Сателитите, покрај директното рефлектирање на сончевата светлина, одбиваат и светлина од Месечината и Земјата, емитуваат инфрацрвено зрачење и рефлектираат радиобранови, што дополнително го усложнува проблемот.

Во 2019 година во ниската орбита имало околу 2.000 сателити. Денес бројката е над 15.000. Според индустриските проекции, до 2035 година во орбитата би можеле да кружат повеќе од 560.000 сателити.

„Во последните четири години лансиравме повеќе сателити отколку во целиот претходен период на вселенски летови,“ вели Борлаф, нагласувајќи дека проблемот расте со невидена брзина.

Научниците тестирале модели на орбитални слоеви на повеќе констелации, меѓу коиStarlink на SpaceX, кинескиот Guowang и Amazon Kuiper и пресметале како тие влијаат на телескопите. Една од потенцијалните мерки би била поставување на телескопите на поголеми висини или, обратно, лансирање сателити во орбити пониски од оние каде работат научните инструменти.

Вселенските телескопи се клучни за напредок во астрофизиката, тие гледаат подалеку и појасно од земјените опсерватории, овозможувајќи откривање на далечни галаксии и егзопланети. Но растечкиот број сателити може сериозно да го ограничи нивниот научен потенцијал ако не се преземат координирани меѓународни мерки.

Студијата на НАСА отвора итна глобална расправа за иднината на вселенските истражувања во ера на масовно сателитско лансирање.

Зачлени се на нашиот е-билтен