СДСМ по 35 години од основањето мора повторно да ја носи одговорноста за иднината на државата, порача претседателот на партијата Венко Филипче на свечената седница по повод јубилејот, нагласувајќи дека најважните државни одлуки не се носеле во лесни времиња, туку во периоди на кризи, неизвесност и силни политички поделби.
Филипче во обраќањето се наврати на почетоците на независната држава, времето на санкции, ембарга и кревка државност, оценувајќи дека тогаш се покажало оти политиката не е борба за функции, туку преземање тежина за државата. Тој ја поврза таа лекција со пораката на Киро Глигоров дека Македонија е сѐ што имаме, како мерка за политичка зрелост и одговорност.
Во говорот посебно место доби 2001 година, кога, според Филипче, вистинската државотворност се покажала преку носење одлуки во најтешкиот момент. Тој потсети дека СДСМ бил дел од владата на национално единство и еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор, а потоа и дел од процесот што ја донесе Македонија до кандидатски статус за членство во Европската Унија во 2005 година.
Филипче се осврна и на поновите политички одлуки по кризата, Пржино и изборите во 2016 година, кога СДСМ, како што рече, повторно ја презел одговорноста да ја извади државата од блокада. Во тој контекст ги посочи Преспанскиот договор, членството во НАТО во 2020 година и почетокот на пристапните преговори со ЕУ во 2022 година.
Тој оцени дека нападите за предавство, распродажба на државни интереси и загрозување на идентитетот не ги менуваат фактите. Според Филипче, македонскиот идентитет, јазик, култура и историја се заштитени, државата е побезбедна, а договорот со ЕУ е потпишан на македонски јазик.
Во завршниот дел, Филипче ја постави социјалдемократијата како политика на слобода, правда и солидарност, но не како парола, туку како систем. Тој порача дека вистинската социјалдемократија значи достоинствена работа, образование што дава шанса, здравство што не зависи од врски и даночен систем што бара фер придонес од оние што имаат најмногу.