Кој работи најмногу, а кој најмногу празнува во ЕУ

Европските земји значително се разликуваат по бројот на платени државни празници, што особено доаѓа до израз за време на божиќните и новогодишните празници. Најповолна положба за работниците во овој период имаат Романија, Словачка, Швајцарија, Финска, Летонија, Исланд и Кипар, покажуваат анализите, пренесува Дојче веле.

Иако празничната сезона често се поврзува со одмор и слободни денови, голем број луѓе и натаму работат за да функционираат основните системи. Меѓу нив се итните служби, вработените во угостителството и трговијата, како и логистичкиот сектор, кој има клучна улога во доставата на празничните пратки и честитки.

Колку се одмара за Божиќ?

Вообичаено, европските земји имаат меѓу два и пет државни празници во периодот од Бадник (24 декември) до Богојавление (6 јануари). Литванија се издвојува со вкупно 16 државни празници годишно, од кои четири се во периодот меѓу Бадник и Нова година.

Кипар, Словачка и Романија имаат по 15 национални празници, при што околу една третина се во зимскиот празничен период. Малта има 14 државни празници, од кои два се поврзани со Божиќ и Нова година. Австрија, пак, има 13 државни празници, а во покраини како Тирол и Салцбург се додава и по еден локален празник.

Германија и федералните разлики

Германија има девет државни празници на национално ниво, но федералниот систем им овозможува на покраините да воведуваат дополнителни неработни денови. Додека северните покраини ретко го користат тоа право, Баварија се издвојува со вкупно 12 празници. Во градот Аугзбург, дополнително се одбележува и Денот на мирот на 8 август, што го прави еден од градовите со најмногу слободни денови.

Според студија на Фондацијата „Ханс Беклер“, речиси секој десетти работник во Германија работи и по 14 часот на Бадник, кој таму не е државен празник. Истражувањето покажува и регионални разлики, во источните делови на земјата работниците почесто се повикуваат на работа за време на празниците.

Божиќен бонус и идни најави

Во дел од европските земји, вработените за време на празниците добиваат и таканаречена „тринаесетта плата“. Таа е законски регулирана или традиционално исплатувана во земји како Португалија, Шпанија, Грција и Италија, во зависност од секторот и работодавачот. Во други земји, ваквите бонуси постојат како пракса, но не се законска обврска.

Истовремено, во некои држави се размислува за рестрикции. Владите во Германија и Франција неодамна најавија можност за намалување на бројот на државни празници, што би можело дополнително да ја зголеми вредноста на слободните денови за време на Божиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен