Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, денеска во Скопје порача дека нејзината земја силно ја поддржува интеграцијата на Македонија во Европската Унија, бидејќи, како што кажа, двете земји делат заедничка иднина, но и поради фактот што во државата живее „државотворен народ“ кој според последниот попис изнесува 33 проценти.
„Албанија го поддржува интегрирањето на Македонија во Европската Унија, затоа што делиме заедничка иднина и затоа што овде живее еден државотворен народ, кој што е 33 проценти според последниот попис“, изјави Спиропали.
На заедничката прес-конференција со нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски, Спиропали кажа дека Македонија со силни институции претставува сигурност за целиот регион. Таа додаде дека европската интеграција е приоритет број еден во надворешната политика на Албанија, каде за 13 месеци се отворени 34 поглавја, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
„Овој процес не го гледаме како натпревар меѓу земјите кандидатки, туку како пат кој го одиме заеднички, дестинација која е неизбежна и природна припадност на нашите народи“, изјави Спиропали.

Министерот Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања за европскиот пат, рече дека државен интерес е изнаоѓањето решение за спорот со Бугарија. Тој вели дека кај европските институции и земјите членки постои сè поголема свест за специфичноста на македонскиот случај, кој не може да се споредува со ниту еден друг во поновата историја на интеграциите.
Спиропали по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова испрати уверување дека земјите од Западниот Балкан треба заеднички да чекорат кон европското семејство.
Сиљановска Давкова пак, се повика на Копенхагенските критериуми кои како што рече мора да бидат единствените услови за членство во ЕУ, а билатерализацијата создава опасен преседан, овозможувајќи блокирање на европскиот пат и на други земји кандидатки.
Регионот како целина треба да се интегрира во Европската Унија без натамошно одложување, заклучија на денешната средба претседателката Гордана Сиљановска Давкова и министерката за Европа и за надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета на Македонија
Сиљановска Давкова го поздрави напредокот на Албанија во пристапниот процес, укажувајќи дека во актуелниот геополитички контекст, напредокот на секоја земја има позитивен ефект врз регионалната евроинтеграциска динамика.
Претседателката потсети дека, по 20 години кандидатски статус, македонскиот пристапен процес станува исцрпувачки маратон, со постојано одложување на целта. Таа потенцираше дека Копенхагенските критериуми мора да бидат единствените услови за членство и дека билатерализацијата создава опасен преседан, овозможувајќи блокирање на европскиот пат и на други земји кандидатки, соопштија од нејзиниот кабинет.
Обете се согласија дека регионалната соработка е клучна за стабилноста, добрососедските односи и инфраструктурното поврзување, а особено за реформски процеси неопходни за членството во ЕУ.
Во трилатералниот меморандум потпишан меѓу нас, Бугарија и Албанија, препознаваме јасно дефинирана временска рамка и динамика за реализирање на активностите врзани за Коридорот 8. Воспоставувањето на систем со едно застанување „One stop shop“ на сите гранични премини меѓу двете земји, ќе придонесе за брза заедничка контрола и јакнење на меѓусебната соработка, сее вели во соопштението од кабинетот на претседателката.
Соговорничките укажаа на потребата од засилена економска соработка и се заложија за продолжување на одличната соработка во НАТО.
Истакнаа и дека почитувањето на правата на малцинските заедници е додадена вредност за пријателските македонско-албански односи.
Претходно, Спиропали се сретна и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој констатираше дека двете држави градат одлични билтерални односи, со интензивен политички дијалог и соработка во значителен број области од заемен интерес.