Вајц: Уставните промени се услов околу кој не се преговара

Вајц

Уставните промени се услов околу кој не се преговара. Доколку овие критериуми и услови не се исполнети, нема да има напредок на патот кон пристапување. Имам многу јасна комуникација со владата на Северна Македонија дека овој услов мора да се исполни и дека за него нема да има преговори.

Ова го изјави европратеникот и известувач за Северна Македонија, Томас Вајц, во интервју за бугарската агенција БГНЕС.

„Уставните промени се услов. Ова не е предмет на преговори. Доколку овие критериуми и услови не се исполнети, нема да има напредок на патот кон пристапување. Би ми било многу жал за ова и сите сме на иста позиција. Имам многу јасна комуникација со владата на Северна Македонија дека овој услов мора да се исполни и дека не е предмет на преговори“, посочува европратеникот, известувач за напредокот на Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ.

Вајц нагласува дека уставните промени треба да се гледаат како услов поврзан со европското acquis, законодавството што секоја земја мора да го спроведе и почитува.

„Почитувањето на малцинствата и заедниците е фундаментален елемент за секоја земја што сака да стане членка на ЕУ. Во оваа смисла, ова е многу важна тема. Гледам дека не се очекуваат избори во Северна Македонија следната година. Мислам дека ова ни дава можност да видиме одреден напредок. Се надевам дека ќе видиме напредок бидејќи ова е основен услов и додека не се спроведат овие уставни промени, за жал не можеме да започнеме ефикасни преговори за пристапување. Ова е многу јасно. Ова се заклучоците на Советот и ова е дел од барањата што Северна Македонија мора да ги исполни“, појаснува Томас Вајц.

Во интервјуто за бугарската агенција Вајц се осврнува и на делот од извештајот за Македонија кој се однесува на крупцијата и потсетува дека во извештајот јасно се наведува дека Македонија треба да продолжи со понатамошни напори за борба против корупцијата.

„Потребен е и поголем напредок во владеењето на правото за да се обезбеди пристап до правдата и да се исполнат Копенхашките критериуми. Извештајот, исто така, детално ги разгледува слободата на медиумите, граѓанското општество и слободата на граѓанското општество, како и прашањата за животната средина. Се надевам дека нацртот веќе ги означува најважните насоки, но преку процесот на измени, извештајот ќе биде дополнет со нова формулација и дополнителни параграфи што сè уште треба да се договорат“, вели Вајц во интервјуто.

На инсистирањето на новинарот на БГНЕС зошто во последната верзија на извештајот за Македонија го нема предупредувањето што претходно го нотираше Вајц за српското, кинеското и руското влијание во Северна Македонија, Вајц вели „ништо не е отстрането“.

„Во оваа смисла, гледам дека владата разбира дека обединувањето во овие тешки геополитички времиња за европските нации е клучно. Ако не го сториме ова, ќе бидеме отворени за други влијанија. За жал, гледаме надворешни влијанија, а понекогаш и злонамерни надворешни влијанија, низ целата Европска Унија. Ги имаме и во мојата земја, Австрија. Видовме влијанија и за време на претседателските избори во Романија. Ова мора да се одбие. Го гледаме низ целиот балкански регион. Потребна е силна посветеност од Европската Унија за да го поддржи регионот на неговиот пат кон пристапување и да ги исполниме нашите ветувања, бидејќи ако не го сториме ова, им дозволуваме на другите актери да се етаблираат во овие земји“, рече Вајц во интервјуто за бугарската агенција.

Зачлени се на нашиот е-билтен