Холивуд вечерва влегува во една од најнеизвесните оскаровски трки во последните години. Доделувањето на 98. Оскари се одржува во недела, 15 март, во „Долби“ театарот во Лос Анџелес, со Конан О’Брајан како водител, а преносот почнува во 19 часот по источко американско време, односно по полноќ во ноќта кон понеделник по македонско време.
Во центарот на вниманието е битката за најдобар филм, каде најчесто се споменуваат „One Battle After Another“ и „Sinners“. Првиот влегува во церемонијата како благ фаворит кај дел од прогнозерите, но „Sinners“ доаѓа со најсилен замав и со рекордни 16 номинации, што веќе ја прави оваа трка една од најтесните во поновата историја на Академијата. Официјално, за најдобар филм годинава се натпреваруваат 10 наслови.
Кога станува збор за актерските категории, најсигурна изгледа трката за најдобра женска улога, каде Џеси Бакли за „Hamnet“ најчесто се посочува како водечко име. Кај мажите, пак, ситуацијата е многу понеизвесна: Мајкл Б. Џордан за „Sinners“ влегува со силен финиш во сезоната, но во игра остануваат и Тимоти Шаламе, Леонардо Ди Каприо и Вагнер Моура.
Неизвесноста се префрла и на режисерската награда. Пол Томас Андерсон за „One Battle After Another“ и Рајан Куглер за „Sinners“ се двете имиња околу кои најмногу се врти финалната проценка, што значи дека вечерва лесно може да се случи еден филм да го земе главниот трофеј, а другиот да ја однесе режијата. Токму таа поделба е една од причините поради кои овогодишните Оскари се следат со поголемо внимание од вообичаено.
Годинашната церемонија ќе се памети и по тоа што во сите категории има најмалку по еден неанглиски наслов меѓу номинираните, што Академијата го претставува како силен знак за растечкото влијание на меѓународното кино. Но, на крајот, најголемото прашање останува исто: дали вечерта ќе биде крунисување на „One Battle After Another“ или триумфален налет на „Sinners“.