Министерството за здравство го остави спомен-паркот за модуларната болница на табла

Спомен-паркот за модуларната болница, најавен како место на трајно сеќавање за 14-те жртви од пожарот во Тетово, осум месеци по свечената промоција остана само табла и празен простор. Наместо градежни работи, на терен сè уште нема ниту трага од реализација, иако Министерството за здравство на 30 јули 2025 јавно соопшти дека почнува изградбата и дека министерот Азир Алиу ќе го означи стартот на проектот. Подоцна, на 28 септември 2025, Министерството дури и го промовираше анимираниот приказ на идниот парк, но до средината на март 2026 од ветениот спомен-простор нема ништо освен уште едно одложување.

Како што објави Порталб, уште на 6 февруари годинава просторот каде што треба да никне меморијалниот парк бил непроменет, без почнати работи и без видливо поместување на процесот. Тогаш Алиу изјавил дека се чека дозвола од Општина Тетово за да продолжи реализацијата. Но само неколку дена подоцна, на 14 февруари, Порталб објави и втор проблематичен детаљ: градоначалникот Биљал Касами изјавил дека до тој момент немало ни поднесено барање за дозвола. Така, одговорноста почна да се префрла меѓу институциите, додека споменот за жртвите остана заглавен меѓу административни изговори и политички фотографии.

Во оваа приказна најсилно удира токму контрастот меѓу јавната емоција и институционалната небрежност. Иницијативата за паркот потекна од семејствата на жртвите и од „Иницијатива Нула“, кои уште во јуни 2025 побараа просторот на трагедијата да се претвори во јавен меморијал. Наместо тоа, јавноста доби церемонии, најави и визуелизации, а не и место на достоинствено сеќавање. Оттука, проблемот веќе не е само во тоа што паркот доцни, туку што Министерството дозволи спомен-паркот за модуларната болница да стане уште еден симбол на заборав, токму таму каде што државата требаше да покаже најмногу почит и одговорност

Зачлени се на нашиот е-билтен