Во Кочани вечерва во 02:15 часот пред поранешната дискотека „Пулс“ ќе се одржи собир за тивко сеќавање и оддавање почит по повод една година од трагедијата. Настанот го организира Здружението на граѓани „16 март 2025“.
Според објавата на здружението, собирот ќе почне во 02:15 часот, а во 02:32 часот, времето што се посочува како момент што засекогаш го променил Кочани, ќе биде оддадена почит со минута молк. Во пораката до јавноста се наведува дека граѓаните ќе се соберат „во тивко сеќавање и почит“.
Утре се навршува една година од трагедијата во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Несреќата се случи во раните утрински часови на 16 март минатата година.
Годишнината се одбележува со повеќе настани, а пред „Пулс“ веќе се поставени 63 срца со имињата на загинатите.