Коцевски открива институционални пропусти по трагедијата во Кочани изразува скептицизам дека државата ќе извлече поуки

Коцевски

Во интервју за „Ноќно студио“, „Ноќта кога застана времето: Коцевски за институционалниот одговор“ на 4ТВ, поранешниот јавен обвинител Љупчо Коцевски открива сериозни институционални слабости и недостиг на ресурси при истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Случајот, кој однесе 50 животи, ја разоткри длабоката ерозија на системот, при што инволвираните страни избегнуваат одговорност, префрлајќи ја вината меѓусебно и на жртвите.

Истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“, која се случи на 16 март, се соочи со огромни логистички и кадровски пречки, вели во интервјуто поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски. Тој истакна дека Основното јавно обвинителство во Кочани немало капацитет самостојно да го обработи случајот.

Поради законските рокови од 90 дена за поднесување обвинение, тимот бил проширен од првичните 5 на 13 обвинители, вклучувајќи помош од Скопје и Штип. Недостатокот на основни ресурси бил евидентен поради недостиг на службени возила, што наложило користење на полициски ресурси од Министерството за внатрешни работи, недостиг на административен кадар, поради што биле ангажирани дактилографи од Штип, што барало интензивна работа за време на викенди и празници за да се испочитуваат законските рокови.

Увидот на лице место, кој започнал веднаш по известувањето од министерот Панче Тошковски, бил исклучително тежок поради обемот на жртвите. Обвинителството морало да воспостави деликатна комуникација со семејствата на жртвите, кои првично се спротивставувале на обдукцијата.

Преку три организирани средби, од кои една во Скопје и две во Кочани, во присуство на претставници од Судска медицина, обвинителите успеале да ја објаснат неопходноста од вештачењето. Овој процес бил клучен за обезбедување на материјални докази кои го „одмотале клопчето“ на настаните од кобната вечер.

Иако истрагата резултираше со поднесено обвинение, Љупчо Коцевски изразува скептицизам во однос на тоа дали државата ќе извлече поуки од оваа трагедија. Откриените помали кривични дела кај дел од осомничените дополнително ја потврдуваат порозноста на системот и слабата контрола на терен. 

Зачлени се на нашиот е-билтен