Голема мечка се спушти до куќите во селото Горна Белица

Голема мечка е снимена во селото Горна Белица на планината Јабланица, објави фејсбук страницата Patuvanja.mk.

„Во селото Горна Белица, на планината Јабланица, со сигурносни камери поставени на куќите е снимена голема мечка која во раните утрински часови слободно се движела низ селото“, стои во објавата.

Како што се додава, снимките покажуваат како дивото животно поминува низ дворови и покрај куќи, „што укажува дека неговото присуство во ова подрачје не е случајно“.

Од Patuvanja.mk посочуваат дека станува збор за дел од богатата дива природа со која изобилува овој регион.

„За сите љубители на планината Јабланица и посетители на Горна Белица, ова нека биде важна информација – покрај ретката можност да се сретне вакво величествено животно, неопходна е и зголемена внимателност при движење низ природата“, се наведува во објавата.

Воедно се предупредува дека дивите животни, вклучително и мечките, можат да бидат непредвидливи и опасни доколку се почувствуваат загрозени.

„Природата на Јабланица останува едно од најубавите и најдивите места во регионот – но истовремено бара и одговорно однесување од сите посетители“, додаваат од Patuvanja.mk.

Зачлени се на нашиот е-билтен