Културата често се третира како луксуз, но тоа е повеќе политички избор отколку вистината за едно општество. Таа е ткивото низ кое се обликува и одржува идентитетот, па кога се оттурнува од секојдневието на граѓаните, не се губи само пристапноста – се разредува и самото чувство на заедништво.
Андреја СТОЈКОВСКИ
Наједноставните прашања откриваат најдлабоки нерамнотежи.
Објавувањето на цените за Мајски оперски вечери отвора едно суштинско прашање: не колку чини операта, туку кому таа навистина му припаѓа. Кога една државно финансирана институција ја поставува цената на својот најпрепознатлив фестивал, таа не одлучува само за приходите, туку и за границите на пристапот. Оттука, цената не треба да ја разбереме како број или износ, туку како одраз на односот меѓу културата, државата и граѓаните.
Кога цената на билетот за Мајските оперски вечери ќе ја ставиме во однос со економската моќ, станува јасно дека не станува збор само за културен настан, туку за прашање на јавна достапност. Со цена од 1000 денари, посетата на опера во Македонија достигнува околу 2.1% од просечната месечна плата – ниво што е на самиот врв, па дури и над регионалната пракса.
Во Софиската опера и балет, Народно позориште во Белград, Национален театар на опера и балет на Албанија или Народно позориште во Сараево, билетите најчесто се движат меѓу 0.6% и 1.5% од просечната нето-плата. Тоа значи дека, иако номинално може да изгледаат слични, тие се реално подостапни. Разликата не е во тоа што операта таму е „поевтина“, туку што е поусогласена со животниот стандард – и затоа останува дел од јавниот, а не од селективниот културен простор.
Ова станува уште поочигледно кога ќе се преведе во секојдневно искуство. За четиричлено семејство, само билетите за една оперска вечер достигнуваат 4000 денари, а со превоз и паркирање сумата лесно се движи меѓу 4200 и 4500 денари – износ што се приближува до 10% од една просечна месечна плата.
Во исто време, државно поддржаниот здравствен систем овозможува тридневен болнички престој и хируршка интервенција на универзитетските клиники за приближно исти средства.
Споредбата е парадоксална, но токму затоа многу поучна: таа покажува дека јавната политика знае да ја заштити основната потреба, но сѐ уште не ја третира културата со истата логика на потреба или на пристапност.
Кој како милува. Културата често се третира како луксуз, но тоа е повеќе политички избор отколку вистината за едно општество. Таа е ткивото низ кое се обликува и одржува идентитетот, па кога се оттурнува од секојдневието на граѓаните, не се губи само пристапноста – се разредува и самото чувство на заедништво.