Закани за бомби ги испразнија училиштата во Загреб, полицијата на терен

Неколку средни училишта во Загреб утрово беа евакуирани по дојави за поставени експлозивни направи, по што наставата не започна, а учениците и вработените беа изнесени од објектите од безбедносни причини. Заканите, според првичните информации, пристигнале по електронска пошта околу 7 часот наутро, а веднаш потоа биле алармирани полицијата и надлежните служби.

Загрепската полиција потврди дека е на терен и дека се утврдуваат сите околности. Специјализирани полициски екипи вршат проверки на училишните објекти, а дополнителни информации се очекуваат по завршување на прегледите. Засега нема потврда дека е пронајдена експлозивна направа.

Случајот доаѓа само еден ден по слични закани во Сплитско-далматинската жупанија, каде што околу 50 основни и средни училишта добија пораки за наводно поставени бомби. По полициските проверки таму не беа пронајдени експлозивни направи, а дојавите беа оценети како лажни.

Хрватските медиуми јавуваат дека ова е нов бран безбедносни закани насочени кон јавни објекти. Минатата недела во Загреб беа евакуирани и неколку трговски центри по дојави за бомби, меѓу кои „Арена Центар“, „Авенју Мол“ и „Сити Центар Уан Ист“. И тие дојави, по проверките, се покажаа како лажни.

Зачлени се на нашиот е-билтен