Студентите во Австрија уште за време на студиите се насочуваат да проценуваат ризик, да носат одлуки и да ги објаснат во реален контекст, додека на Балканот образовниот систем сè уште често ја наградува точната репродукција на знаење, пишува Немања Лазендиќ, банкарски стручњак и предавач на FH Salzburg, во анализа за Forbes Србија.
Разликата, според авторот, не се гледа најмногу на испит, туку во моментот кога треба да се донесе одлука без сите информации. Во банкарството и во реалниот сектор, таквите ситуации не се исклучок, туку секојдневие: клиентите бараат финансирање, ризикот мора да се процени, регулаторните правила да се почитуваат, а одлуката да биде одржлива на долг рок.
Во австрискиот модел, студентот по финансии не учи само модели и дефиниции. Тој добива задача да процени инвестиција, да го разбере ризикот, да донесе одлука и да ја образложи. Таму не постои секогаш еден точен одговор, туку подобра или полоша одлука во дадени околности.
На Балканот, пак, според анализата, системот сè уште во голема мера ја наградува формата: студентот што ја знае дефиницијата често има предност пред оној што разбира како таа се применува. Така, младите често излегуваат подготвени за испит, но не и за ситуации во кои треба да постават прашање, да проценат контекст и да преземат одговорност.
Австриската предност не е во совршен систем. Лазендиќ посочува дека и таму има администрација и бавност, но клучната разлика е врската со реалниот сектор. Голем број студенти уште за време на студиите работат во струката преку практикантска работа, проекти со компании или part-time позиции, што им дава чувство за процеси, одговорност и деловно размислување.
Балканот, од друга страна, формално презеде европска структура на образование, со бодови, програми и називи, но често без суштината: учење преку решавање проблеми, толеранција на грешка и директна врска со индустријата. Сепак, авторот нагласува дека студентите од регионот имаат силна теориска основа и висока приспособливост, што значи дека потенцијалот постои, но не секогаш добива вистинска рамка.
Во време кога технологијата ги прави информациите лесно достапни, самото знаење веќе не е доволно. Поважни стануваат разбирањето на контекстот, поставувањето вистински прашања и носењето одлуки во неизвесност. Тоа се вештини што не се развиваат со учење напамет, туку со практика, одговорност и реални задачи.
Автор на изворниот текст е Немања Лазендиќ, банкарски стручњак и предавач на Универзитетот за применети науки FH Salzburg.