Најголема заплена на кокаин во Европа, вреди над 800 милиони евра

Кокаин

Шпанската полиција објави фотографии од најголемата заплена на кокаин во европската историја, откако пресретна брод кај Канарските Острови на почетокот на мај.

На 1 мај, членови на елитната единица Гвардија Цивил се качија на 90-метарскиот брод Арконијан, кој го вее знамето на Коморите, и пронајдоа 27 тони кокаин.

Вредноста на запленетата дрога се проценува на повеќе од 812 милиони евра.

Полицијата денес објави фотографии од огромна количина запленет кокаин нареден на мадридско пристаниште, како и оружје пронајдено на бродот.

Високиот суд на Шпанија објави дека сите 23 члена на екипажот се задржани во притвор без кауција.

Меѓу нив се шест холандски и суринамски државјани кои беа пронајдени скриени од полицијата за време на рацијата на бродот, додека другите 17 члена на екипажот се од Филипините.

Европски рекорд соборен

Заплената го надмина претходниот европски рекорд од 22,7 тони кокаин, запленет во Хамбург, Германија, во јуни 2024 година.

Во исто време, повеќе од двојно го зголеми претходниот рекорд во Шпанија, кога минатата година во пратка со банани од Еквадор во пристаништето Алхесирас беа пронајдени 11,8 тони кокаин.

Истражителите, кои соработуваа со американските и холандските власти, веруваат дека дрогата требало да биде транспортирана во Шпанија со брзи чамци.

Бродот испловил од Сиера Леоне

На бродот беа пронајдени и огнено оружје и муниција.

Судот одреди притвор без кауција поради сериозноста на злосторствата, ризикот од бегство и можноста за продолжување на криминалните активности за време на истрагата.

Аркониан исплови од Фритаун, главниот град на Сиера Леоне, на 22 април и беше пресретнат од Гардија Цивил во Северниот Атлантик помеѓу Северна Африка и Канарските Острови.

Зачлени се на нашиот е-билтен