За Северна Македонија, ова не е симболична дебата. Ова е прашање за нашата иднина. Предолго живееме во наративи кои бараат постојано да го браниме минатото, без притоа да понудат сериозна визија за иднината.
Андреја СТОЈКОВСКИ
Постои суштинска разлика помеѓу Денот на победата во Европа (Victory in Europe Day) и она што денес се претставува како Ден на победата (Victory Day). Денот на победата во Европа ја означил и ја одбележува победата над фашизмот. Но, уште поважно означува и крај на логиката дека Европа може да преживее преку воени победи, доминација, сфери на влијание и постојани конфликти.
Од таа лекција се родила европската идеја. Идеја дека мирот е поважен од освојувањето на противникот. Дека соработката е поважна од реваншизмот. Дека иднината на народите треба да се гради заедно, а не преку постојано живеење во минатото. Токму тука денес се прави разликата. Едниот пристап ја гледа победата како почеток на помирување, интеграција и заедничка иднина. Другиот — како трајно право на сила, геополитичко влијание и историска надмоќ.
Затоа Денот на Европа е толку важен денес, особено денес, додека Украина страда под брутална агресија. Бидејќи нè потсетува дека мирот без принципи не може да опстане, и дека слободата, демократијата и суверенитетот никогаш не се засекогаш загарантирани.
За Северна Македонија, ова не е симболична дебата. Ова е прашање за нашата иднина. Предолго живееме во наративи кои бараат постојано да го браниме минатото, без притоа да понудат сериозна визија за иднината. Историјата сама по себе не смее да стане затвор за иднината. Одговорноста на секоја сериозна држава не е само да го зачува сеќавањето и идентитетот. Туку да ја обезбеди иднината на своите граѓани и идните генерации. Истото важи и за политичарите, владите и избраните функционери.
Стравот понекогаш е корисен. Тој нè држи внимателни и будни. Но стравот од самиот страв е ирационален. А кога стравот ќе стане трајна политичка стратегија, државите престануваат да се развиваат.
Европскиот пат не значи откажување од идентитетот. Напротив — тој значи обезбедување стабилна, демократска и просперитетна иднина за нашиот јазик, култура, идентитет и државност, во рамки на единствениот политички и економски проект кој може да гарантира долгорочен мир, развој и безбедност на овој континент. Затоа продолжувањето на процесот на европска интеграција, вклучително и тешките компромиси не е слабост. Тоа е политичка зрелост, стратешка одговорност, или ако така повеќе милувате тоа е правилниот чекор.
Сè друго, сè повеќе наликува на опасна илузија: наративи на изолација, стагнација, постојана огорченост и геополитичка конфузија, често усогласени со интереси кои никогаш вистински не посакувале силна, демократска и европска Македонија.
Народите одат напред кога го разбираат светот во кој живеат — а не светот за кој посакуваат сè уште да постои.
На 9 Мај, вистинското прашање не е колку гласно ја браниме историјата.
Вистинското прашање е дали сме способни да ја изградиме иднината.
Среќен Ден на Европа!