Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, порача дека овој датум претставува симбол на отпорот против злото, но и опомена дека мирот, слободата и демократијата мора постојано да се штитат.
Во својата порака, претседателката истакнува дека победата над фашизмот е една од најголемите цивилизациски победи во модерната историја, извојувана со огромни жртви и страдања. Таа нагласи дека Европа е изградена врз идејата никогаш повеќе да не се повторат ужасите од војната, омразата и поделбите.
Македонскиот народ застана на правата страна: антифашистичката.
Илјадници македонски партизани, млади и стари, мажи и жени, селани, работници и интелектуалци станаа дел од Народноослободителната борба, цврсто решени да се изборат за слобода, но и за самостојна и независна држава на македонскиот народ.
Околу 25.000 борци не ја дочекаа слободата и победата, но останаа запишани во македонската историја како незаборавни јунаци за македонската држава.
Сиљановска-Давкова оценила дека денешните генерации имаат обврска да ги чуваат демократските вредности, човековото достоинство и меѓусебната солидарност, особено во време на нови глобални предизвици, конфликти и растечки поделби. Според неа, 9 Мај не е само историски датум, туку и потсетник дека европската иднина треба да се гради врз правда, еднаквост и почитување на различностите.
Во пораката, претседателката повторила дека Северна Македонија останува посветена на европскиот пат и на вредностите на мирот, слободата и антифашизмот, со почит кон сите што ги дале своите животи во борбата против фашизмот.