Грција за сè поголем број Македонци повеќе не е само летна дестинација за море и викенд-одмор, туку и место за редовен шопинг. Со пешкирите и чадорите, многумина од граница се враќаат со полни багажници храна, средства за домаќинство и производи за секојдневна употреба, убедени дека таму можат да купиле повеќе за истите пари.
Викендите сè почесто носат слики од македонски автомобили паркирани пред супермаркети во северна Грција, додека на социјалните мрежи граѓаните споделуваат споредби на цени и искуства од купување. Од кафе, сирење и маслиново масло, до детергенти, козметика и производи за домаќинство, дел од потрошувачите тврдат дека одредени артикли во Грција се поевтини или поквалитетни отколку во Македонија.
Економистите посочуваат дека ваквите навики се директна последица на инфлацијата, растот на цените и падот на куповната моќ. Граѓаните сè повеќе ги споредуваат цените, се поврзуваат на социјалните мрежи и ги следат акциите и се подготвени да патуваат доколку проценат дека така ќе заштедат.
Заедно со кусиот викенд одмор, за дел од семејствата, шопингот во соседството веќе не се доживува како луксуз, туку како рационална економска одлука.
Ова го отвора и прашањето дали ова е показател за поскапувањето во домашните маркети и за слабеењето на стандардот. Дел од граѓаните велат дека и покрај трошоците за гориво и патарини, чувството дека „купиле повеќе за истите пари“ е доволна причина повторно да заминат на шопинг во Грција.
На социјалните мрежи и форумите се забележуваат и пошироки дискусии за економските разлики меѓу Македонија и соседството, при што граѓаните сè почесто споредуваат цени на храна, недвижности и услуги. Дел од коментарите на Reddit дури отвораат и дебати за тоа дали животот во Македонија станува прескап во однос на платите и куповната моќ.
Така, додека туристичката сезона допрва започнува, за многу Македонци патувањето кон Грција веќе не значи само плажа и одмор, туку и обид за поевтино секојдневие во време на постојани поскапувања и економска неизвесност.
