Ресен и Преспа задушени меѓу две депонии

депонии

Жителите на Ресен и на преспанските села со години предупредуваат на опасно загадување од депониите Буково и Златари, додека институциите сè уште немаат трајно решение.

Автори: Јовица Волкановски* и Мики Трајковски**

Бел густ чад спуштен над преспанските села. Мириса на изгорен отпад. Вода за која се стравува дека е загадена. Ова е секојдневието на дел од жителите во Преспанскиот Регион, кои со децении живеат меѓу две големи и неколку помали диви депонии.

Големите депонии Буково и Златари, каде што се депонира отпадот од Охрид, Ресен и околните населени места, одамна ги надминале своите капацитети, а локалното население и еколошките активисти предупредуваат дека последиците веќе не се само еколошки, туку и здравствени.

Проблем што трае 30 години

Големата депонија Буково се наоѓа во непосредна близина на неколку ресенски села. На само два километра се наоѓа Крушје каде што жителите сведочат дека речиси секое утро легнуваат и се будат со бел густ чад што доаѓа од депонијата.

Тие тврдат дека последиците се чувствуваат врз нивното здравје, како и врз воздухот и водата во регионот. Иако нивното село се наоѓа на 1.090 метри надморска височина, велат дека загаденоста е поголема од Скопје.

„Ова не е од вчера, проблемот трае повеќе од 30 години“, раскажува Јовче Митревски, жител на село Крушје.

Депонијата првично била на друга локација, но откако е поставена на нова локација, пред околу три децении, жителите велат дека е многу поопасна, особено за водата за пиење со која се снабдува Ресен и поголем дел од Преспа.

Спасе Мишевски од селото Крушје вели дека депонијата денес е повисока од 100 метри и се наоѓа на само километар од изворите за вода.

„Дополнителен проблем е што целата планина што ги дели депонијата и изворите е од камен бигор, кој е порозен и остава простор за сомнеж дека загадувањето може да продре до подземните води. Институциите постојано се повикуваат на тоа дека водата е бактериолошки исправна, но никој не гарантира за нејзината хемиска безбедност. Цела Преспа и Ресен пијат вода од овие извори – прашањето е дали таа вода е долгорочно безбедна“, посочува Мишевски.

Највидливиот проблем со кој се соочуваат е загадувањето на воздухот. Жителите велат дека непријатниот мирис и густиот чад најмногу се чувствуваат наутро, но се присутни преку целиот ден.

„Кога дува северен ветер, ситуацијата станува неподнослива, не само за Крушје, туку и за самиот град Ресен, бидејќи ветерот го носи чадот дотаму. Често е толку густ што ја намалува видливоста и на патот кон Охрид, а депонијата гори постојано, и на површината и во длабочина. Огнот гори и на 20-30 метри внатре и тоа веќе не може лесно да се запре. Тоа значи дека загадувањето не е моментално, туку постојано и долгорочно, а ние секојдневно сме изложени на тоа и го дишеме“, вели Сашо Тодоровски, жител на Крушје.

Протести додека депонијата тлее

Сите жители на селото Крушје со кои разговараше „Локал Актив Пелагонија“ бараат затворање на депонијата Буково и нејзино трансформирање во затворен и контролиран систем.

„Се обративме до сите надлежни институции, вклучително и до Општина Ресен, барајќи да се воспостави комуникација со Општина Охрид и да се најде решение. Ангажиравме и адвокат, за што сами собравме средства, протестиравме пред депонијата и поднесувавме иницијативи. Но резултатот е нула – одговор нема. Само кога ќе излеземе на протест, ќе пратат багер, ќе поттурнат нешто еден-два дена и после повторно истата приказна. Сè се решава површно, без трајно решение“, објаснува Тодоровски.

Тие предупредуваат дека доколку не се преземат итни мерки, последиците врз здравјето на луѓето и врз водните ресурси во Преспанскиот Регион може да бидат непоправливи.

Драгана Карашова

Драгана Карашова од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ вели дека Буково е преполно со отпад и одамна нема место за нови количини.

„Депонијата е веќе преполнета и функционира над својот капацитет, што значи дека секое дополнително депонирање не е само неодржливо, туку и опасно. Досега сите поставени рокови за нејзино затворање и санирање се многукратно надминати. Засега, сѐ до изградбата на регионалната депонија, единственото решение за презаситеноста на Буково е намалување на отпадот преку селекција на одделните фракции отпад и нивно понатамошно рециклирање“, вели Карашова.

Еколошкиот активист Ѓоко Зороски, пак, вели дека оваа депонија нема ниту заштитна инфраструктура, односно хидроизолација.

„Нема систем за собирање на водите што процедуваат, нема контрола, ниту се собира депонискиот гас од неа, бидејќи сите овие исцедоци од депонијата содржат тешки метали, органски загадувачи, амонијак, нитрити. Овие исцедоци стигнуваат и на охридската и на преспанската страна. Се појавуваат чести пожари, се самозапалува депонијата поради присуство на метан и како резултат на тоа се јавуваат ПМ-честички во воздухот, диоксини, фурани, кои се многу опасни гасови“, вели Зороски.

Со депонијата Буково, која по барање на УНЕСКО требаше да биде затворена во 2020 година, управува Општина Охрид, односно Јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Само во 2025 година биле депонирани речиси 11 илјади тони најразновиден мешан комунален отпад.

„Во однос на мерките што се преземаат за санација и реколтивација на депонија Буково, станува збор за специфична состојба карактеристична за ваков тип депонии, бидејќи при распаѓањето на отпадот се ослободува природен гас – метан, кој е лесно запалив и може да предизвика појава на тлеење или пожар. Токму поради тоа, неопходни се постојани активности за контрола и стабилизација на депонијата“, дели директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Сашо Најдески.

Во 2025 година на Буково била однесена и распоредена рекордна количина од повеќе од 7.000 метри кубни земја за покривање и стабилизирање на отпадот, со цел намалување на ризикот од пожари и ширење непријатни миризби. 

„Дополнително, изработен е и заштитен појас околу критичните делови на депонијата, со цел да се спречи евентуално ширење пожари и да се овозможи поголема контрола на состојбата“, вели Најдески.

Опцијата за затворање на депонијата се разгледува во контекст на изградбата на регионалната депонија во Новаци. Но, мали се изгледите оваа депонија да профункционира во догледно време.

За депонијата кај Златари нема детални еколошки анализи

Втората голема депонија што им го загорчува животот на ресенчани и на преспанчани е депонијата Златари. Таа се наоѓа на патот помеѓу Ресен и селото Златари. Позната е и под името Алшири Кошници. Таа служи за одлагање на отпадот од градот Ресен и од речиси целата територија на општината.

Самата депонија зафаќа површина од околу 30.000 метри квадратни, од кои 27.000 веќе се во употреба. Во функција е од пред 1985 година. Од јануари до мај се одлагаат околу 60 метри кубни отпад дневно, додека во летните месеци надминува 100 метри кубни.

Според Вики Проевска од одделението за комунална хигиена во ЈП „Пролетер“ – Ресен, на локацијата секојдневно се работи со гасеничар, со кој се врши рамнење и посипување на отпадот со земја, со цел да се спречи негово запалување.

„Честа појава на локацијата се пожари, најчесто предизвикани од лица што палат отпад со цел да извадат бакар или за да се загреат. Досега не се регистрирани пожари од поголеми размери. Во однос на влијанието врз животната средина, досега не се спроведени детални истражувања за ефектите врз подземните води и околното земјиште“, вели Проевска.

Еколошкиот активист Ѓоко Зороски, пак, вели дека се правени геолошки и хидрогеолошки истражувања на почвата под и околу депонијата. Овие анализи покажуваат дека подземните води се наоѓаат на просечна длабочина од 3,5 до 5 метри.

„Утврдено е дека исцедокот под и во близина на депонијата содржи тешки метали и до одреден степен органски супстанции“, дециден е Зороски.

Тој додава дека за Ресен особено е значен опасниот отпад од агрохемиски средства, кој се создава во поголеми количини во споредба со други делови во државата.

„И честа појава е земјоделците да ги горат пакувањата од пестицидите, со што го доведуваат во опасност своето здравје. Мора поскоро да се изгради собирен центар за собирање на овој тип опасен отпад“, додава тој.

Патот е раскопан, отпадот се шири

Методија Рајчановски, жител на Ресен кој живее во една од првите куќи до депонијата, вели дека состојбата е особено тешка поради лошата инфраструктура и неконтролираното ширење на отпадот.

„Има денови кога се чувствува мирис и чад, но тоа не е најголемиот проблем. Патот до депонијата е многу оштетен и раскопан, што создава проблеми и за нас и за возилата. Дополнително, отпадот често се расфрла и надвор од депонијата, а големиот број кучиња го растураат ѓубрето насекаде“, вели тој.

„Најголем проблем ни е патот, кој е значително оштетен од камионите што одат кон депонијата, особено делницата од живинарската фарма до селото Златари што е во многу лоша состојба. Освен тоа, има голем број кучиња, а често се појавува и дивеч – лисици, волци, па дури и мечки што доаѓаат поради отпадот“, вели жител на Златари, кој сакаше да остане анонимен.

Тој додава дека иако селото е на повисока позиција и на одредено растојание од депонијата, во случаи кога има пожар на депонијата, чадот може да стигне и до населбата.

„Вообичаено нема големо влијание врз селото, освен кога има пожари – тогаш чадот знае да дојде до нас, но за среќа тоа не се случува често“, додава тој.

Локалното население апелира до надлежните институции за посериозен пристап во управувањето со депонијата и за подобрување на инфраструктурата.

Диви депонии насекаде 

Во 2025 година во соработка меѓу Општина Ресен, ЈКП „Пролетер“ од Ресен и тимот на УНДП беше реализирана акција за чистење шест диви депонии во Преспанскиот Регион. Бил исчистен простор од вкупно 10.120 метри квадратни, од каде што биле подигнати 6.200 метри кубни отпад, од градежен шут, стакло, пластика до органски материи. Целиот собран отпад бил дислоциран и соодветно депониран во депонијата кај селото Златари.
Од УНДП предупредуваат дека акциите за физичко чистење на депониите не го решаваат трајно проблемот, бидејќи на одредени локации што биле исчистени, било забележано повторно одлагање отпад.

Повремени екопроекти без одржливост

Иако депонијата е регистрирана за некомунален отпад, во минатото имало обиди за селекција. Во 2017 година се вршело балирање на пластика и хартија, но оваа практика била прекината по одлука на тогашниот менаџмент.

Постои намера, велат од ЈКП „Пролетер“, повторно да се активира компостарницата, која успешно функционирала од 2014 до 2016 година и се користела за преработка на отпад од јаболка, отпад од живинарска фарма, органски отпад од јавното претпријатие и пилевина. Но, таа денес се наоѓа во лоша состојба поради долгогодишното неработење и несоодветното управување. Планирано е нејзино повторно ставање во функција до крајот на 2027 година.

Компостарницата која не функционира речиси една деценија

Годинава започнуваат со нов проект за селекција на пластика, преку распределба на 20 специјални жолти контејнери со сензори до домаќинствата во Ресен. Истовремено се работело и на проект за соодветно собирање и третман на отпад од пестициди, за кој била предвидена набавка на специјално возило и соодветни контејнери.

Планови постојат, но решенијата за депониите доцнат со години

Во општинскиот документ насловен Локален акциски план за управување со отпад на Општина Ресен за 2024-2025 година се наведени неколку приоритети за одржливо управување со отпадот, од обезбедување услуги на што е можно повеќе корисници, воведување систем за селекција на отпадот, намалување на количините органски отпад што завршуваат на депонија, затворање и санација на ѓубришта.
Во документот стои и дека со спроведување на предложените мерки, нема да има негативно влијание врз животната средина и дека планот нема да го влоши квалитетот на водата во општината, бидејќи несоодветното управување со отпадот предизвикува влошување на квалитетот на водата, било да станува збор за подземна или за површинска.

Во Македонија нема ниту еден документ или студија изработени од државните институции, во кои се зборува за негативното влијание на овие депонии врз почвата и воздухот. Тоа ни го потврдија и од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и од Државниот инспекторат за животна средина.

Во одговорот што го добивме од Министерството, стои дека според извршените процени, депонијата Буково е оценета како локација со висок ризик, додека депонијата кај Златари спаѓа во категорија со среден ризик.

Сомнежи за квалитетот на храната

Жителите и еколошките активисти се сомневаат во  квалитетот на земјоделските производи што ги одгледуваат на почвата близу депониите, особено онаа кај Буково.

„Целиот чад се спушта во нашето село. Наутро кога ќе станеме, прст пред око не се гледа. Веруваме дека сите луѓе се разболени од болести на белите дробови. Сите производи што ги произведовме беа контаминирани. Сѐ што произведовме исфрливме, никој ништо не употреби. Стави го производот во вода, црна вода излегува, тоа е чудо“, вели еден жител на Крушје, кој сакаше да остане анонимен.

„Многу луѓе во селото се занимаваа со пчеларство, пчелите ни се уништија. Имаше големи загуби. Уништени сме и ние и цел животински свет е уништен овде“, вели друг жител.

„Постои сериозен сомнеж дека со ваквото загадување се контаминира и почвата, што директно влијае врз храната што ја произведуваме. Како земјоделски регион, тоа нè загрижува уште повеќе, бидејќи не станува збор само за воздухот, туку и за безбедноста на храната што ја јадеме и ја пласираме“, вели Сашо Тодоровски, жител на село Крушје.

Според Драгана Карашова од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“, неопходно е да се направат испитувања на земјиштето и на водите околу депониите. Таа вели дека постои ризик од загадување на почвата и на подземните води преку инфилтрација на штетни материи од депонијата, што може да влијае врз земјоделското производство во околината.

„Постои сериозен ризик дека земјиштето околу Буково е веќе контаминирано и тоа не е претпоставка, туку логична последица од години неконтролирано депонирање и чести пожари. Кога отпадот се распаѓа и гори, во почвата се акумулираат тешки метали, токсични органски соединенија и други штетни материи. Дополнително, преку т.н. исцедни води, загадувањето може да се прошири подлабоко и да ги загрози подземните води и околните екосистеми“, вели Карашова.

Од друга страна, пак, институцијата што е одговорна за контрола на производите што ги консумираат граѓаните, Агенцијата за храна и ветеринарство, информира дека при инспекциски контроли во објекти за производство и промет на храна што минатата година ги спровела во целата држава, биле земени и лабораториски тестирани вкупно 450 мостри од храна.

„Од испитаните примероци, позитивни резултати се добиени за 42 мостри, од кои 40 за мостри земени по мониторинг програмата и две при инспекциски надзор. Од 40 добиени позитивни мостри, осум се однесуваат на остатоци од пестициди“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство за „Локал Актив Пелагонија“. 

Во поширокиот Битолски Регион (кој го вклучува и преспанскиот дел) биле добиени два незадоволителни наоди од тестирања, еден примерок од круши и еден примерок од праски, во кои било надминато максимално дефинираното ниво на остатоци од пестициди.

Професор Мираковски: Околината е загадена со децении по затворањето на депониите

Професорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Дејан Мираковски, вели дека нивната лабораторија располагала со анализи на ризик изработени во рамките на ЕУ-проект за формирање регионални системи за управување со отпад во Југозападниот и Пелагонискиот регион. Овие анализи вклучувале процена на токсичноста, на количините и на мобилноста на депонираните материи.

За локацијата Буково бил изработен концептуален модел што ги поврзува опасните супстанции, патеките на изложеност (експозиција) и рецепторите (околината и луѓето).

Според методологијата RHAS (Rapid Hazard Assessment System), Буково е оценета како високоризична депонија, првенствено поради големите количини акумулиран отпад, честите пожари и ризикот од нивно повторување, како и ризикот од директен контакт и загадување на водите.

„Иако не сме правеле детални анализи на почвата и на водите на таа конкретна локација, депонија од ваков тип – без никакви мерки за инженерска контрола и заштита – дефинитивно претставува ризик за околината. Ова е особено изразено при појава на пожари, кога дисперзијата на емисиите може да стигне и до урбаните зони. Сепак, за да се утврди точно во кој опсег е загадено земјиштето и дали е соодветно за земјоделство, неопходни се насочени и сеопфатни анализи“, вели Мираковски.

Во однос на депонијата кај Златари, професорот Мираковски вели дека е слична состојбата, затоа што и таа е оценета како високоризична, со дополнителен фактор на опасност – присуство на отпад од пакувања на пестициди и други опасни материи карактеристични за земјоделското производство.

Тој смета дека со оглед на тоа што веќе постојат планови за регионални системи, неопходно е веднаш да се пристапи кон нивна реализација, и дека секое системско решение е подобро од сегашната состојба.

„Едноставното престанување со одлагање отпад не е решение, бидејќи депониите продолжуваат да ја загадуваат околината со децении. За правилно затворање на овие локации, неопходно е како минимум поставување непропустлив слој (глина или геомембрана) за да се спречи навлегување на атмосферски води, инсталирање систем за депониски гас за да се спречат самозапалување, собирање на токсичните течности (исцедоци) за да не завршат во подземните води. Дури по овие чекори следува биолошка рекултивација и евентуална пренамена на просторот“, објаснува Мираковски.

Здравствени ризици од депониите

Еколошките активисти сметаат дека нивните долгогодишни искуства на терен покажуваат дека депониите со себе носат и сериозни здравствени последици.

Спасе Мишевски од Крушје вели дека стравот е реален.

„Во нашето мало село имаме повеќе случаи на канцер. Не можеме научно да докажеме директна врска, но во последниот период сите што починале, боледувале од канцер, и со тоа сомнежот постои и со сигурност тврдам дека е поради чадот што го дишеме секој ден“, вели тој.

Карашова од „Збогум Буково“ вели дека жителите што живеат под и во околината на депонијата Буково се изложени на сериозни здравствени и еколошки ризици, особено поради честите пожари и неконтролираното управување со отпадот.

„При согорување мешан отпад, во воздухот се ослободуваат токсични супстанции како диоксини, фурани, тешки метали и честички PM2.5 и PM10, кои имаат директно влијание врз респираторниот и кардиоваскуларниот систем. Овие загадувачи се поврзуваат со зголемен ризик од астма, хронични белодробни заболувања, кардиоваскуларни проблеми, како и долгорочни ефекти како канцер“, вели Карашова.

Во Преспанскиот Регион не е мал е бројот на заболени лица од канцер, но и на болести на респираторните органи.

Според податоците на веб-страницата на Институтот за јавно здравје од 2014 до 2023 година, во Општина Ресен се регистрирани 73 случаи на рак на бронхии и на бели дробови, додека стапката на морталитет е 65 случаи. Новорегистрирани случаи на рак на дојка во истиот период е 67, додека морталитетот е 27. Регистрирани случаи на рак на грло на матка е 7, додека морталитетот е 2.

Од друга страна, има и мислења дека депониите не се причина за заболувањата од канцер. Меѓу нив е и директорот на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на респираторни заболувања во Отешево, Благоја Китановски, кој смета дека бројот на малигни заболувања во Општина Ресен е под општиот број на ниво на Македонија.

https://w.soundcloud.com/player/?visual=true&url=https%3A%2F%2Fapi.soundcloud.com%2Ftracks%2F2318415578&show_artwork=true&maxheight=1000&maxwidth=696

„Не е запалена ресенската депонија речиси три години. Чад и запалена депонија во Буково често може да се види, меѓутоа поголемиот дел од тој чад оди и во Општина Охрид. Карциномот на бели дробови во Ресен не е зголемен, за разлика од општини што се еколошки чисти, како Крушево и Берово. Така што не можам да направам корелација меѓу депониите и пестицидите, со зголемување на бројот на малигни заболувања на бели дробови“, вели Китановски.

Во однос на заболувањата на респираторните органи, тој вели дека тие не се во директна корелација со аерозагадувањето, туку се последица на пушењето.

***

Додека институциите најавуваат идни регионални решенија и постепена санација, жителите на Преспа велат дека веќе предолго живеат со чадот, мирисот и неизвесноста околу квалитетот на воздухот, на водата и на храната што ја произведуваат. Без сеопфатни анализи, постојан надзор и конкретни мерки, стравот дека депониите оставаат трајни последици врз здравјето и животната средина, ќе продолжи да расте заедно со отпадот.

*Јовица Волкановски е активист на Здружението за рурален развој Локална акциона група Ресен

** Мики Трајковски е новинар

Фото и видео: Приватна архива на авторите

Сторијата е преземена од Локал Актив Пелагонија е независен онлајн медиум, односно медиум на заедницата во пелагонискиот регион во Република Северна Македонија, кој има за цел да го зајакне дејствувањето на локалната заедница.

Најчитано