По пауза од повеќе од две децении, култниот фронтмен на „Архангел“, Ристо Вртев, се враќа во студиото и на големата сцена.
Тој најави голем концерт на 13 јуни на стадионот на АРМ, каде како гости ќе настапат и „Васил Хаџиманов бенд“.
Во интервју за Трн.мк, Вртев вели дека неговото враќање се должи и на взаемната и искрена врска со публиката, кај која „Архангел“ остана синоним за прогресивна музика.
„Да, после подолга пауза влегов во студио конечно, од причина што не работев затоа што немаше услови да се постигне квалитетен резултат. Сега ова беше ад хок, на брзинка и наменски за концертот, да влезам во студио и се чувствував како доктор кога одите на дијагноза, а дијагнозата е таа дали воопшто имам сенс за нови материјали и помина успешно. Тоа се должи посебно на реакциите кои ги добивме од разни профили на луѓе“, вели во интервјуто за Трн.мк Ристо Вртев.
Фронтменот на „Архангел“ ја најави и соработката со „Васил Хаџиманов бенд” со кој, како што вели Вртев, ќе настапат заедно со една „земјачка песна“.
„На концертот на тринаесетти јуни на стадионот на АРМ, ќе имаме и гостување. Имаме гости, и тоа многу квалитетни, тоа е „Васил Хаџиманов бенд”, со кого се договоривме да настапиме и со една земјачка песна што му ја пратив. Тој ќе влезе во сето тоа и ќе направиме една убава дружба, убава атмосфера и ќе пратиме порака дека културата не е мртва. Сепак некој се грижи нивото да се сочува наспроти баналноста во културна смисла и падот на критериумите и кичот, кои се многу опасни работи“, истакнува Ристо Вртев.
Во интервјуто за Трн.мк, Вртев зборува и за падот на културните критериуми, за естрадизацијата на политиката, за „оловните дни“ што ги живееме денес и за неговата вечна, неформална и искрена врска со публиката наспроти игнорирањето од страна на естаблишментот.
