Руски прокси на Балканот: СДСМ со тешки обвинувања кон Мицкоски

СДСМ

Најголемата опозициска партија во земјава, Социјалдемократски сојуз на Македонија, обвини дека премиерот Христијан Мицкоски води политика на конфронтација и изолација по примерот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, со цел да ја блокира европската интеграција на државата.

Од СДСМ оценуваат дека по „падот на Орбан“ во Унгарија започнал процес на нормализација во односите со Украина и разговори за правата на унгарското малцинство, процес кој, според партијата, со години бил намерно блокиран за да се одржуваат тензиите и конфронтацијата со Европската Унија.

Во соопштението, СДСМ тврди дека Мицкоски спроведува слична политика преку блокирање на уставните измени поврзани со малцинствата, не заради заштита на македонскиот идентитет, туку со цел да се закочи евроинтегративниот процес на државата.

„Влезот во Европа значи независно судство, Европско јавно обвинителство и крај на неговата криминална заштита“, наведуваат од партијата, обвинувајќи дека изолацијата на државата, покрај тоа што му обезбедува политичка заштита на Мицкоски, истовремено претставува и исполнување на руски интереси на Балканот.

Од СДСМ прават директна паралела меѓу Орбан и Мицкоски, оценувајќи дека и двајцата користат блокади и конфронтации за зачувување на власта и заштита на сопствените интереси. Според партијата, разликата е што „Орбан веќе падна“, додека Мицкоски, како што наведуваат, „сѐ уште се обидува да ја држи Македонија како заложник“.

Опозициската партија порача дека граѓаните препознаваат оти политиките на конфронтација, изолација и лаги носат сиромаштија и заостанување, додавајќи дека тие се залагаат за реформи, дијалог и европска иднина на државата. Од СДСМ повторно побараа внесување на малцинствата во Уставот, забрзување на реформите и продолжување на европскиот пат на земјата.

Најчитано