Јавање на огнениот коњ

Посетата на Доналд Трамп на Кина беше значаен настан, иако сумирањето на нејзиниот исход е предизвик. Првично, посетата требаше да започне на 31 март, па дојде до одложување од шест недели. Иако последната претседателска посета на Пекинг се случи пред девет години, на 8 ноември 2017 година, оваа посета е само една во низа, за разлика од вистински историската посета на Ричард Никсон во 1972 година, од 21 до 28 февруари, која беше увертира во стратегиското преуредување на меѓународната политика и го отвори патот и кон создавањето на кинескиот модел на раст воден од реформи. Само по себе, позитивен исход е тоа што беше најавен уште еден самит Г2, кој треба да се одржи во Вашингтон за околу четири месеци.
Анализира: Андор ЛАСЛО

Современите односи меѓу САД и Кина често се врамуваат во таканаречената Тукидидова стапица, античкиот грчки модел на неизбежен судир меѓу сила во подем и сила во опаѓање. Како да се избегне паѓањето во таа стапица отворено се дискутираше и на овој американско-кинески самит, вклучително и од претседателот Си Џинпинг.

Теоретски, денес САД се големата сила во опаѓање, а Кина е големата сила во подем. Речиси две децении се подразбира дека американската надворешна политика ќе се сврти кон Азија и приоритетно ќе се справува со кинескиот предизвик. Ако оваа посета сигнализираше нешто, тоа е стратегискиот застој меѓу двете сили.

Главното прашање во безбедносниот конфликт меѓу САД и Кина е Тајван, за кој долго се стравува дека еден ден може да стане жариште на отворен конфликт. Иако на различни начини, двете страни претпочитаа да го тргнат прашањето настрана, со исклучок на Марко Рубио, кој даде неколку општи изјави од американска страна.

Избегнувањето на прашањето за Тајван и од Си и од Трамп сигнализира дека, барем засега, тоа изгледа како најбезбедниот начин конфликтот да остане замрзнат. Ако активностите на Пекинг останат во доменот на дипломатијата и продлабочувањето на економската соработка, а Вашингтон се воздржи од провокативно испраќање дополнително оружје, ризикот од ескалација може да се задржи на ниско ниво.

За разлика од Тајван, Иран во моментов е активна војна во која САД се директно, а Кина индиректно вклучена. Реторички, двајцата лидери ја изразија својата желба Ормускиот Теснец повторно да биде отворен, а Иран да не развие нуклеарна бомба.

Но нивните улоги во создавањето на актуелната криза се целосно различни, а Кина нема да му помогне на Трамп на американската јавност, ниту на остатокот од светот, да ѝ продаде каков било успех, а уште помалку победа, по бесмисленото уништување што се спроведува од крајот на февруари. Сепак, тие споделуваат економски интерес брзо да се најде излез.

Трамп во Кина беше придружуван од делегација на најмоќните бизнисмени во САД, кои меѓу другите ги претставуваа Tesla, Apple, Boeing, Meta, Mastercard, Visa, Goldman Sachs и Micron. Во последната деценија, кинеската потрошувачка на американски производи се преполови, што е тренд што Вашингтон сака да го промени.

Како дел од самитот беа најавени кинески набавки на говедско месо и авиони Boeing, а технологијата беше предмет на дополнителни разговори, од микрочипови до вештачка интелигенција. Двајцата претседатели се договорија да формираат Одбор за трговија, како и Одбор за инвестиции, што би отворило пат кон поголема трговска размена во месеците и годините што следуваат.

Откако втората администрација на Трамп стапи на функција пред 20 месеци, трговските дефицити во билатералните односи се во фокусот на нејзините активности, особено во рамки на трамповските трговски војни.

Иако агресивните царини на Трамп беа наменети да го скротат кинескиот извоз кон САД, во последната година кинеските набавки на американски извоз се намалија за 25 проценти. Американскиот трговски дефицит во однос на Кина се намали, додека се зголеми во однос на земјите од АСЕАН. Во меѓувреме, и САД и Кина имаат свои внатрешни макроекономски нерамнотежи. САД се добро познати по својот астрономски јавен долг, но кинескиот долг всушност растеше побрзо во последната деценија.

Додека и САД и Кина зад себе имаат период на раст поттикнат од задолжување, во Европа пораките на Марио „Што и да е потребно“ Драги, со кои тој препорачува заедничко задолжување на ЕУ за финансирање иновации и инвестиции, остануваат неслушнати.

Поранешниот претседател на Европската централна банка одржа уште еден говор, овојпат во Ахен, Германија, по повод добивањето на наградата „Карло Велики“, односно Karlspreis, на 14 мај. Германскиот канцелар Фридрих Мерц не губеше време да му се спротивстави на Драги, со што се претстави како главна пречка на патот кон економската конкурентност во Европа.

Претворањето на Г2 во Г3, со вклучување на Европската Унија, не е на агендата на Берлин.

Ласло Андор е унгарски економист, поранешен еврокомесар за вработување, социјални прашања и инклузија во Европската комисија од 2010 до 2014 година, а денес е генерален секретар на Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано