Стипендии надолу, домови поскапи – студентите за греота

Социјалдемократската младина на Македонија побара итно повлекување на измените на Законот за студентскиот стандард, обвинувајќи дека со новото решение се намалува поддршката за студентите од социјално ранливи категории и се зголемуваат трошоците за сместување во студентските домови. Обвинувањата ги изнесе Стефанија Кузмановска од СДММ, која оцени дека измените се директен удар врз студентскиот стандард.

Според Кузмановска, проблемот е во новата категоризација на студентските домови на два типа – енергетски ефикасни и реконструирани објекти, и постојни, односно нереновирани објекти. Таа тврди дека таквата поделба може да создаде различни услови за студентите, во зависност од тоа дали ќе можат да платат сместување во реконструиран дом или ќе останат во објектите со послаби услови.

Најголемата промена се однесува на партиципацијата за сместување и исхрана. Досега државата покривала до 50 проценти од цената за студентите во државните домови, а со новите измени за домовите од Тип 1 учеството се намалува на до 40 проценти, додека за домовите од Тип 2 останува до 50 проценти. Тоа практично значи дека студентите во реконструираните и енергетски ефикасни домови може да плаќаат повисоки трошоци.

СДММ реагира и на измените кај стипендиите. Кузмановска тврди дека се намалува уделот на стипендиите за социјално ранливите категории од 49 на 40 проценти од вкупниот број стипендии. Според конкурсот на МОН за студиската 2025/2026 година, за првата група – редовни студенти од социјални категории – биле предвидени 1.470 стипендии.

Дополнително, од СДММ посочуваат дека со измените се укинува и мерката воведена во ковид-кризата, со која студентите можеа да добијат поддршка до 6.000 денари за приватно сместување или меѓуградски превоз. Партиската младина на СДСМ оценува дека ова е кратење на поддршката токму за студентите на кои најмногу им е потребна.

Министерството за образование претходно најавуваше ново законско решение со образложение дека целта е унапредување на студентскиот стандард, подобро функционирање на студентските домови и повеќе можности за идните академски граѓани. Но, по усвојувањето на измените, јавната дебата се фокусираше врз прашањето дали реконструираните домови ќе станат поскапи за студентите и дали новиот модел ќе ја намали достапноста на подобро сместување за оние со пониски приходи.

Прашањето за студентскиот стандард останува чувствително и поради состојбата во домовите. Според конкурсот на МОН за прием во студентски домови за студиската 2025/2026 година, во државните и приватните студентски домови биле предвидени вкупно 4.264 легла, а распределбата вклучува посебна група за студенти од семејства со ниски приходи и други социјално ранливи категории.

Најчитано