Споредбените податоци од Евростат и Грчкиот статистички завод (ЕЛСТАТ) покажуваат дека трендот на Грците што ја напуштаат земјата во годините на економската криза сега еволуирал во тренд на враќање во Грција.
Севкупно, во периодот 2010–2024 година, 773.296 Грци ја напуштиле земјата, додека 473.044 се вратиле.
Всушност, 2024 година означува рекордна година за репатријација на Грци, бидејќи враќањата за прв пат надминаа 50.000, додека историски тие се движеа помеѓу 25.000 и 30.000 годишно. Во исто време, додека во текот на кризната деценија бројот на Грци што ја напуштаат земјата се приближуваше или надминуваше просек од 60.000 годишно, во 2024 година оваа бројка падна на 32.141, што е намалување од речиси 50%.
Општо земено, од 2022 година репатријацијата на грчки граѓани покажа постојан и извонреден пораст, сега бројчено надминувајќи го бројот на Грци што заминуваат во странство.
Вицепремиерот и портпарол на грчката влада Павлос Маринакис вели дека се свесни дека предизвиците остануваат.
„Сепак, исто така истакнуваме дека овој премин од одлив на мозоци кон прилив на мозоци не се случи случајно. Тој е резултат на низа успешни политики што ги спроведовме“, рече Маринакис.
Маринакис ги наведува мерките, како што се намалување или укинување на 83 даноци и социјални придонеси, подобрување на расположливиот доход на граѓаните и создавање можности за инвестиции и нови, подобро платени работни места; намалување на невработеноста од 18% на 8% и создавање на повеќе од 600.000 нови работни места и шест последователни зголемувања на минималната плата, меѓу другото.|
Продолжуваме, доследно, вели Маринакис, да дизајнираме и спроведуваме политики што создаваат можности, зајакнуваат квалитетно вработување и обезбедуваат значителни стимулации за Грците да се вратат и да ја изградат својата иднина во нашата татковина.
