САД со јасна порака: Македонија да се реформира и сама да си ги решава кризите

САД

Новата американска стратегија за Западен Балкан претставува една од најзначајните промени во пристапот на Вашингтон кон регионот во последните две децении.

Документот на американскиот Стејт департмент, доставен до Конгресот под наслов „Политика на Соединетите Американски Држави за промовирање стабилност и просперитет во Западен Балкан“, јасно покажува дека САД повеќе не го гледаат регионот низ призмата на постконфликтна реконструкција, туку како простор од директно безбедносно и економско значење за американските интереси.

За Македонија оваа промена има повеќеслојно значење. Од една страна, Вашингтон останува силно заинтересиран за стабилноста на државата како членка на НАТО и како дел од регионалната безбедносна архитектура. Од друга страна, фокусот сега се префрла од политичко посредување и институционално градење кон безбедност, енергетика, инфраструктурно поврзување и ограничување на влијанието на геополитичките конкуренти на САД, пред сè Русија и Кина.

Особено важен дел од стратегијата е оценката дека Русија и Кина се обидуваат да ги искористат слабостите и нестабилностите во регионот за да го поткопаат западното влијание. Американската администрација смета дека нерешените политички спорови, корупцијата, организираниот криминал и енергетската зависност создаваат простор за продор на руските и кинеските интереси.

Во таа насока, Македонија се наоѓа на чувствителна геополитичка линија. Русија традиционално настојува да влијае преку медиумски наративи, политички структури и антизападни кампањи, додека Кина во изминатите години го прошири своето присуство преку инфраструктурни проекти, кредити и технолошки инвестиции.

Новата американска политика сугерира дека Македонија ќе биде охрабрувана уште поинтензивно да се поврзува со западните енергетски, транспортни и технолошки мрежи. Во тој контекст, посебно значење добиваат регионалните инфраструктурни проекти, како Коридорот 8, кој Вашингтон го идентификува како стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море.

За Македонија тоа претставува можност да се позиционира како важна транзитна и логистичка точка во регионот, но и како држава која ќе биде дел од пошироката стратегија за намалување на зависноста од руските енергетски и транспортни правци.

Од тој аспект, на географската оска исток-запад, многу важно е колку што е можно поскоро решавање на политичката блокада со Бугарија, што го сугерира и јасното позиционирање на САД со формулацијата во документот дека „ерата на американското градење држави заврши“.

Ова практично значи дека САД повеќе немаат намера да инвестираат огромни политички и финансиски ресурси во директно обликување на институциите и политичките процеси во земјите од Западен Балкан, како што тоа беше случај по војните во поранешна Југославија. Наместо тоа, Вашингтон очекува локалните политички елити сами да ги решаваат своите проблеми, додека американската поддршка ќе биде насочена кон проекти и политики кои имаат јасна стратешка вредност за САД.

За Македонија тоа може да значи помал простор за дипломатско посредување од страна на САД во внатрешните политички конфликти, но истовремено и поголема одговорност на домашните институции за реформите и демократизацијата. Вашингтон повеќе нема да биде подготвен да ја игра улогата на главен арбитер во секоја политичка криза, туку ќе очекува функционални институции и политичка зрелост од локалните актери. Поддршката ќе остане присутна, но ќе биде условена со конкретни резултати во борбата против корупцијата, организираниот криминал и странските влијанија.

Во документот посебно внимание привлекува и оценката дека Западен Балкан е „регион од директно значење за безбедносните и економските интереси на Соединетите Американски Држави“. Оваа формулација покажува дека регионот повторно добива повисоко место на американската геополитичка мапа, но од поинакви причини отколку во деведесеттите години. Тогаш фокусот беше ставен на запирање на војните и спречување на хуманитарни катастрофи. Денес акцентот е на конкуренцијата со Русија и Кина, заштитата на НАТО-сојузниците, безбедноста на енергетските коридори, борбата против организираниот криминал и обезбедувањето стабилни услови за американските инвестиции.

Од македонска перспектива, ова значи дека земјата останува важен партнер на САД, но во една нова рамка. Наместо идеолошки проекти и амбициозни програми за трансформација на општеството, приоритет ќе бидат безбедноста, енергетската независност, инфраструктурното поврзување и отпорноста кон руското и кинеското влијание. За македонските власти ова е сигнал дека стратешкото партнерство со Вашингтон ќе се мери сè повеќе преку конкретни резултати и регионална стабилност, а сè помалку преку декларативна поддршка на евроатлантските вредности.

Новата стратегија, всушност, испраќа порака дека САД немаат намера да се повлечат од Балканот, туку да го променат начинот на своето присуство. Наместо да бидат градители на политички системи, тие сакаат да бидат гаранти на стабилноста и партнери во економската и безбедносната конкуренција со глобалните ривали.

За Македонија тоа отвора можности, но и носи поголема одговорност самата да ја обезбедува својата демократска и институционална стабилност. Тоа е драматичен пресврт во американската политика и ја става Македонија сама пред реформите и кризите што налага поголема одговорност на актуелната политичка елита во земјата.

Најчитано