Црна Гора доби силна француска порака за европскиот финиш

ФОТО: Влада на Црна Гора

Црна Гора доби силна поддршка од францускиот претседател Емануел Макрон, кој денеска на Цетиње порача дека земјата одлучно и одговорно тргнала по патот на владеењето на правото, по потпишувањето повеќе договори меѓу владите на Црна Гора и Франција.

Макрон оцени дека неговата посета е симболична и одлучувачка, нагласувајќи дека станува збор за прва историска посета на француски претседател на Црна Гора. Тој му честиташе на премиерот Милојко Спајиќ за напредокот на европскиот пат и порача дека природното место на земјите од Западен Балкан е во Европската Унија.

Францускиот претседател истакна дека тој пат бара сериозна посветеност и трајна приврзаност кон реформите. Според него, Црна Гора веќе покажала дека може одговорно да се движи по патот на владеењето на правото, а Франција ќе остане со неа додека ги заврши обврските.

Посетата беше проследена со потпишување повеќе договори. Меѓу нив е договорот за проектирање и изградба на новиот Универзитетски клинички центар на Црна Гора во Подгорица, вреден 312 милиони евра, како и меморандум за развој на делницата А2-2 од Јадранско-јонскиот пат.

Спајиќ оцени дека Црна Гора и Франција отвораат простор за соработка што, како што рече, пред две години било тешко да се замисли. Тој нагласи дека двете земји го зацврстуваат стратешкото партнерство и заедно ја градат европската иднина.

Договорите опфаќаат здравство, финансии, инфраструктура, енергетика и стратешко комуницирање. Со тоа посетата на Макрон доби двојна порака: политичка поддршка за европскиот пат на Црна Гора и конкретна француска вклученост во проекти што треба да ја приближат земјата до европските стандарди.

Најчитано