Белфаст е под силни тензии по брутален напад со нож во северниот дел на градот, кој предизвика шок во јавноста, а потоа и насилни протести, палење возила и напади врз домови. Инцидентот се случил во понеделникот вечерта, а осомничениот, 30-годишен маж, е обвинет за обид за убиство, поседување оружје со сечило на јавно место и упатување закани за убиство.
Според британските медиуми, жртвата е маж во 40-тите години, кој се здобил со тешки повреди на лицето, очите, вратот и грбот. Нападот бил запрен откако неколку минувачи реагирале пред пристигнувањето на полицијата, меѓу нив и локален жител кој употребил стап за херлинг, традиционален ирски спорт, за да го одврати напаѓачот и да помогне жртвата да биде спасена.
Полицијата во Северна Ирска соопшти дека случајот не се третира како терористички акт, но дека истрагата продолжува. Властите побараа смиреност и предупредија дека ширењето гласини и повици за одмазда може дополнително да ја влошат состојбата.
Сепак, по објавувањето на вознемирувачката снимка од нападот на социјалните мрежи, во Белфаст избувнаа насилни протести со антиимигрантски карактер. Маскирани лица запалиле автобус на Newtownards Road, биле опожарени автомобили и домови, а дел од семејствата морале да бидат евакуирани под полициска заштита.
Насилството беше осудено од политичкиот врв во Северна Ирска и Велика Британија. Првата министерка на Северна Ирска, Мишел О’Нил, ги нарече нападите врз домови и семејства кукавички и неприфатливи, додека британскиот премиер Кир Стармер го осуди првичниот напад како „одвратен“, но порача дека нема да има толеранција ниту за немирите што следеа потоа.
Полицијата останува распоредена во повеќе делови од градот, додека локалните власти апелираат јавноста да не дозволи еден кривичен случај да се претвори во пошироко етничко или расно насилство.
