МВР платило 29 милиони евра, граѓаните 73 милиони но договорите за пасошите остануваат тајна

Изработката на пасоши, лични карти и возачки дозволи во последните пет години го чинела Министерството за внатрешни работи 29 милиони евра, додека граѓаните за добивање на овие документи платиле вкупно 73 милиони евра, покажува новиот извештај на Центарот за граѓански комуникации.

Разликата меѓу сумата што ја платило МВР и парите што ги платиле граѓаните изнесува 44 милиони евра. Најголем дел од средствата се однесуваат на пасошите, за кои граѓаните во изминатите пет години платиле 60 милиони евра.

Личните документи ги изработува германската компанија „Giesecke+Devrient“, која првпат го добила договорот уште во 2005 година. Тогашниот договор бил за обезбедување електронски пасоши, лични карти и возачки дозволи, како и систем за персонализација на документите.

Според тогашното соопштение на компанијата, договорот бил склучен на 11 години, со вредност од 23,5 милиони евра. Тој опфаќал 1,5 милиони пасошки документи со микрочипови, 1,8 милиони лични карти, 500 илјади возачки дозволи и опрема за централизирана персонализација и обработка на податоци.

Од тоа произлегува дека првичниот договор истекол во 2016 година. Но, МВР не открива кога, како и под кои услови договорот бил продолжуван до денес.

Центарот за граѓански комуникации на 6 април 2026 година доставил барање до МВР за релевантни податоци поврзани со набавката за изработка на личните документи. Министерството, сепак, клучните информации ги означило како класифицирани со степен „доверливо“.

Како доверливи се означени договорите, основните договори и анексите што МВР ги има склучено со економскиот оператор „Giesecke+Devrient“ за набавка на обрасци за пасоши, лични карти и возачки дозволи. Како доверлива информација е означен и правниот основ врз кој се склучени договорите.

МВР не го открива ниту бројот на набавени обрасци за лични документи во периодот од 2021 до 2025 година, по вид документ и по години. Токму овие бројки се клучни за јавна контрола, бидејќи без нив не може да се провери дали цената е реална, дали количините биле добро планирани и дали договорот е економски оправдан.

Во одговорот до Центарот за граѓански комуникации, МВР навело дека дел од бараните информации, врз основа на закон, претставуваат класифицирани информации. Министерството тврди дека бил спроведен и задолжителен „тест на штетност“, при што било утврдено дека со објавување на дел од информациите би имало последици врз работењето на МВР. Не е прецизирано за какви последици станува збор.

Овој пристап отвора сериозно прашање за транспарентноста. Доколку договорите содржат чувствителни технички детали, безбедносни елементи, карактеристики на заштита, начини на персонализација или податоци што навистина не смеат да бидат јавно достапни, тие делови може да се издвојат. Но, тоа не значи дека целиот договор, вредноста, времетраењето, анексите, договорните страни и начинот на склучување треба автоматски да останат недостапни за јавноста.

Во извештајот се наведува и дека по истекот на првичниот договор МВР не спровело нова постапка за јавна набавка на обрасци за лични документи. Во периодот од 2018 до 2020 година биле објавени пет постапки за консултантски услуги за подготовка на проектна документација за набавка на услуги за изработка на биометриски документи, но сите биле поништени затоа што не била доставена ниту една прифатлива понуда.

По тоа, според извештајот, Министерството не објавило нова постапка за набавка на обрасци, туку продолжило да работи со истиот добавувач без јавен оглас и без конкурентна постапка.

Единствено јавно достапни се договорите за техничка поддршка и одржување на единствениот електронски систем за лични документи, склучувани со германската компанија „Veridos GmbH“, основана од „Giesecke+Devrient“. Тие договори биле склучувани преку постапка со преговарање без претходно објавување оглас и со времетраење од 36 месеци.

Во меѓувреме, нема најава за нов тендер за изработка на лични документи. Во април 2025 година, МВР склучило договор со друштвото за консалтинг „Таргет Комуникации“ од Скопје, за испитување на можностите целиот процес, од производство до издавање лични документи, да се врши на територијата на државата.

Клучното прашање останува зошто основни статистички податоци, како бројот на набавени обрасци по години и по вид документ, се третираат како доверливи. Барањето не се однесувало на сериски броеви, складишни локации, безбедносни карактеристики или технички детали за производство, туку на информации потребни за проверка на јавните трошоци.

Во последните пет години МВР му платило на добавувачот 29 милиони евра. Тоа е повеќе од првичниот 11-годишен договор, чија вредност изнесувала 23,5 милиони евра. Без увид во договорите, јавноста не може да знае дали се зголемувале цените, дали биле зголемени количините, дали поскапела техничката поддршка или постојат други договорни околности што ја објаснуваат разликата.

Најчитано