Реконструкција или централизиње на моќта?

Реконструкција

Дали Македонија влегува во фаза во која Владата ќе функционира сè повеќе како продолжена рака на кабинетот на премиерот.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Најавената реконструкција на Владата најверојатно ќе биде претставена како обид за зголемување на ефикасноста, забрзување на реформите и подобра координација на институциите. Тоа е вообичаениот наратив што го користат речиси сите влади кога се одлучуваат за кадровски промени.

Но, ако се знае дека секоја реконструкција е, всушност, исклучиво одлука на претседателот на владата, логично е едно подлабоко политичко прашање: дали целта е подобра работа на институциите или поголема контрола на премиерот врз власта?

Токму од овој аспект треба да се анализира најавената реконструкција на Владата на Христијан Мицкоски.

По една година владеење завршува периодот на толеранција

Првата година од секоја влада обично е период во кој премиерот остава простор министрите да изградат сопствени тимови, да воспостават приоритети и да покажат резултати.

Но, по една година почнува фазата на политичка консолидација.

Тогаш премиерите прават проценка кој придонесува за заедничката политичка агенда, а кој создава дополнителни проблеми. Истовремено се прави и проценка кои министри стануваат политички премногу видливи, кои градат сопствени центри на влијание и кои почнуваат да излегуваат од рамката на централно дефинираната политика.

Иако Мицкоски вели дека „некои министри покажуваат замор и не ги испорачале очекуваните резултати, треба да биде јасно дека реконструкциите ретко се само кадровски операции. Тие се и инструмент за редефинирање на односите на моќта во рамките на владата.

Од колективна влада кон премиерски модел

Прашањето што се поставува е дали Македонија влегува во фаза во која Владата ќе функционира сè повеќе како продолжена рака на кабинетот на премиерот.

Во таков модел министрите не се автономни политички фигури со сопствен политички капитал и простор за иницијатива. Тие стануваат извршители на политика дефинирана во тесен круг околу премиерот.

На краток рок тоа може да донесе подобра дисциплина и поголема координација.

Но, на долг рок носи и ризици.

Колку повеќе се концентрира моќта во еден центар, толку повеќе успехот и неуспехот на Владата зависат од една личност. Во таков систем министрите имаат сè помалку мотив да преземаат иницијатива, а сè повеќе мотив да избегнуваат политички ризици и да му го оставаат тој ризик на нивниот шеф, претседателот на Владата.

Реториката на Мицкоски говори дека тој нема ништо против тоа и затоа вели:

Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи. Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, на пораки, можеби ќе задоцнам по некој ден, може секој да го прави тоа и секој заслужува одговор, овој стопати ми пратил, 101 ќе одговорите.

Посилни личности или полојални личности?

Ова е веројатно најважното прашање што треба да се постави кога ќе бидат објавени новите кадровски решенија.

Доколку во Владата влезат луѓе со силен професионален и политички авторитет, тоа би можело да се толкува како обид за зајакнување на институционалниот капацитет.

Но, доколку изборот падне на личности чија главна политичка квалификација е лојалноста кон партискиот врв, тогаш реконструкцијата ќе добие сосема поинакво значење.

Тогаш нема да станува збор за подобрување на квалитетот на владеењето, туку за дополнително централизирање на политичката контрола.

Разликата меѓу овие два модели е суштинска.

Едниот создава посилна влада.

Другиот создава посилен премиер.

Дали резултатите се причина или изговор?

Власта реконструкцијата веројатно ќе ја оправда со потребата од подобри резултати.

Но, токму тука се отвора уште едно прашање.

Дали слабите резултати во одредени области навистина се последица на поединечни министри или произлегуваат од пошироки политички одлуки донесени на највисоко ниво?

На пример, застојот во евроинтеграциите, односите со соседите или крупните економски политики не се прашања што ги решаваат ресорните министри самостојно. Тоа се политики што се дефинираат во кабинетот на премиерот.

Ако проблемите се структурни, тогаш смената на министри може да биде повеќе политичка порака отколку вистинско решение.

Реконструкцијата како порака до ВМРО-ДПМНЕ

Најавените промени нема да бидат порака само до јавноста. Тие ќе бидат порака и до партијата.

Во секоја голема политичка организација постојат различни струи, интереси и центри на влијание.

Реконструкцијата е момент кога лидерот демонстрира кој ја има последната реч.

Доколку промените бидат длабоки, тие може да се читаат и како сигнал дека Мицкоски ја зацврстува контролата не само врз Владата, туку и врз партиската структура што стои зад неа.

Затоа е многу важно да видиме дали Мицкоски ќе ја сведе реконструкцијата само на интервенција во понудата на коалицините партии или ќе го „растресе“ и оние кои доаѓаат од редовите на неговата партија. А таму има многу што да се „растресе“.

Вистинскиот тест ќе биде по реконструкцијата

На крајот, вистинската смисла на реконструкцијата нема да се види во денот кога ќе бидат објавени новите имиња.

Ќе се види неколку месеци подоцна.

Ако новите министри покажат поголема самостојност, иницијатива и конкретни резултати, тогаш реконструкцијата ќе може да се толкува како обид за зајакнување на Владата.

Но, ако пораките, одлуките и политичките иницијативи продолжат да доаѓаат исклучиво од еден центар, тогаш ќе стане јасно дека реконструкцијата не била операција за зголемување на ефикасноста.

Туку чекор кон дополнителна концентрација на политичката моќ во рацете на премиерот.

Во тој случај, суштинското прашање нема да биде кои министри си заминале, туку колку простор останал за автономно политичко дејствување на членовите во Владата.

Најчитано