Пожарот кај Градско излезе од контрола, се вклучуваат авиони и хеликоптер

Големиот пожар меѓу селата Горно и Долно Чичево во Општина Градско повторно се проширил, а екипите ја изгубиле почетната контрола врз огнот. На терен се испраќа дополнителна помош од воздух и специјализирани противпожарни тимови.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов попладнево од местото на пожарот предупреди дека интервенцијата ќе биде долготрајна.

„За жал ја изгубивме почетната контрола. Се работи за сува трева која зафаќа голема површина. Пожарникарите останаа без вода, овде ќе следи долготрајна битка“, изјави Ангелов.

Пожарот избувнал околу 11 часот во атарот меѓу Горно и Долно Чичево. Според првичните информации на ДЗС, најверојатно започнал на стрниште, но поради високата сува трева и ветерот брзо се проширил и ги загрозил двете села. Причината засега не е официјално утврдена.

Првично биле испратени противпожарни екипи од Велес, Неготино и Кавадарци, но поради брзината со која се движел огнот биле пренасочени и ер-тракторите на ДЗС кои претходно интервенирале на пожарот на Китка. Во гаснењето се вклучил и хеликоптер на МВР.

Локални жители со трактори помогнале во правењето противпожарни пресеци за да се спречи ширењето на огнот. Во првата фаза тоа помогнало пожарот привремено да се стави под контрола, но подоцна огнот повторно се проширил.

Според најновата изјава на Ангелов, кон Градско треба да бидат упатени и четири специјални возила „пинцгауер“ со огнени тимови на ДЗС, покрај воздушната поддршка.

Состојбата ја усложнуваат сувата вегетација, ветерот и големата површина зафатена од пожарот.

Во Македонија денеска се активни повеќе пожари. Според податоците на ЦУК до 13 часот биле регистрирани 14 пожари на отворен простор, од кои пет биле активни.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?