Најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека следната недела ќе ги започне консултациите за реконструкција на Владата отвора нова фаза во политичкиот живот на земјата. Пораката што ја испрати е внимателно формулирана: „Прво да ја чујам визијата, па потоа ќе разговараме за кадровски решенија“.
На прв поглед дипломатска, оваа изјава всушност сугерира дека реконструкцијата нема да биде само прашање на поединечни смени, туку обид за политичко и програмско репозиционирање на владината коалиција во втората половина од мандатот.
Тоа сугерира дека не е големо задоволството од првата половина на мандатот, па Мицкоски ќе проба да ја „ресетира“ владата со состав кој ќе му обебеди помирни води во наредните две години, Освен ако нема предвремени избори…
Кој ќе ја плати политичката цена во Владата?
Како и да е, по две години власт, Владата на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и ЗНАМ влегува во период во кој јавноста веќе не ги мери ветувањата, туку резултатите. Токму затоа реконструкцијата не може да се сведе само на кадровска козметика. Таа ќе биде индикатор за тоа кои политики Мицкоски ги смета за успешни, а кои за товар што може да ја чини политичка поддршка во пресрет на локалните избори и можните идни парламентарни предизвици.
Првиот ресор што речиси сигурно ќе биде предмет на сериозни разговори е секторот за добро владеење. Оставката на вицепремиерот Арбен Фетаи веќе создаде празен простор кој Владата мора да го пополни. Но, прашањето не е само кој ќе седне на неговото место, туку дали коалициските партнери ќе бараат поширока прераспределба на влијанието во извршната власт.
Особено внимание ќе привлечат ресорите што во изминатите две години беа најчесто предмет на јавни критики. Земјоделството е меѓу нив. Иако премиерот јавно застана зад министерот Цветан Трипуновски при последната интерпелација, самиот факт што опозицијата успеа да го претвори земјоделскиот сектор во една од главните линии на напад покажува дека овој ресор носи политички ризик за Владата. Ако Мицкоски процени дека незадоволството кај земјоделците почнува да добива пошироки размери, токму тука би можел да побара нов импулс.
Во групата на потенцијално ранливи ресори е и здравството. Без оглед која влада е на власт, здравството традиционално е еден од секторите што најбрзо произведува незадоволство поради недостиг на кадар, долгите листи на чекање и хроничните системски проблеми. Доколку во анализите на Владата се покаже дека граѓаните токму таму најмалку ги чувствуваат ветените промени, ресорот би можел да стане дел од реконструкцијата.
Слична е ситуацијата и во образованието. Реформите во овој сектор ретко носат брзи политички поени, но лесно создаваат отпор. По неколку години дебати за наставните програми, дигитализацијата и состојбата во училиштата, прашањето е дали Владата ќе оцени дека е потребна нова енергија за да се испорачаат поконкретни резултати.
Реконструкција како признание дека нешто не функционира
Не треба да се исклучи ниту можноста реконструкцијата да биде насочена кон ресорите што ги водат коалициските партнери. Во политичките системи каков што е македонскиот, реконструкциите честопати се користат за освежување на коалициската динамика и за воспоставување нов баланс меѓу партнерите. Оттука, дел од промените можеби нема да бидат мотивирани од слаб учинок, туку од потребата за редефинирање на односите во владејачкото мнозинство.
Многу интересно ќе биде каква порака ќе испрати премиерот со изборот на оние што ќе останат. Ако реконструкцијата се сведе на неколку персонални замени без промена на приоритетите, таа ќе биде доживеана како рутински потег. Но ако биде проследена со нови цели, јасни рокови и поголема одговорност на министрите, тогаш може да претставува обид за вистински политички ресет.
Затоа и изјавата на Мицкоски дека најпрво сака да ја слушне „визијата“ е можеби поважна од самите кадровски решенија. Таа сугерира дека во Владата не се отвора само прашањето кој ќе раководи со одреден ресор, туку и како владејачката коалиција ја замислува втората половина од својот мандат.
Токму од одговорот на тоа прашање ќе зависи дали реконструкцијата ќе биде запаметена како почеток на нова фаза или како признавање дека првичниот модел не ги дал очекуваните резултати.
