Владата не би требало да има мирен сон после завршната прес конференција за „Силно светнал ден“ и сите останати програмски активности, вклучувајќи ги и ѕвездите од А категорија (Гета, Карерас…).
Остануваат многу прашања за одговор пред јавноста, но и пред институциите доколку имаат интегритет, а немаат страв или притисок да ги постават на адреса Илинденска бр. 2.
Рацин.мк консултираше поранешен истакнат член во Државната комисија за спречување корупција и ова се отворените прашања.
Прво за небулозата чии се парите, 5,1 милион евра. Директорот на Државна лотарија вели на компанијата, која што е 100% во државна сопственост, додека не се префрлат на трезорска сметка.
Ќе почекаме да видиме како за ова ќе се произнесат по завршните сметки УЈП и Државниот завод за ревизија.
Директорот на Државна лотарија рече дека компанијата објавиле оглас, по одлука на Владата, во кој за 5 дена се знаело сѐ.
Иако е државна компанија во сопственост на Владата, таа не е „село без кучиња“. Треба да се види дали Државна лотарија може и како постапува по одлуки од Владата. Таа има Управен и надзорен одбор.
Членовите на Надзорен одбор, како и членовите на Управен одбор треба да се произнесат за тоа како била донесена одлуката за 5,1 милион евра и како ќе се трошат парите.
Треба да бидат објавени сите одлуки на Управниот и/или Надзорниот одбор поврзани со проектот, јавниот повик и исплатата на средствата.
Особено: кој орган ја одобрил обврската од над 300 милиони денари и на која седница?
Дали постои законска основа за ваква одлука на Владата. Како ќе се оправда трошокот…
Овде ќе ги додадеме и прашањата што ги поставува колегата Фуркан Салиу зашто се многу важни од аспект на улогата на Владата во овој случај:
Во кое својство Владата постапувала кога ѝ наложила на Државна лотарија да ја реализира прославата?
Дали Владата постапувала како извршна власт или како претставник на државата во својство на акционер во Државна лотарија?
Ако постапувала во својство на Собрание на акционери, каде е формалната одлука на Собранието на акционери на АД Државна лотарија?
Тоа се прашања и за ДКСК и за Државниот ревизор.
Соговорникот на Рацин.мк не упати на уште неколку прашања кои треба да добијат одговор.
Навлегуваме во посуштествени прашања. На веб страната на Државна лотарија нема планирани расходи за 2026 година, има за 2025.

Ова е за 2025, ваков документ треба да има за 2026. Во документот за 2025 година, не постои ставка општествена одговорност.
Ако ја има во 2026, треба да ја видиме, ама тој документ го нема.
Врз основа на кој план Државна лотарија овие 5,1 милион евра ги определи како средства наменети за трошоци за „општествена одговорност“.
Кога ќе дојде време за завршна сметка и попис, како ќе се третира овој трошок во извештаите?
Уште едно прашање за институциите.
Ако е јавна набавка требало да биде планирана и соодветно спроведена.
Нашиот соговорник вели „многу лесно се користи овој термин – општествена одговорност, а средствата од Лотарија очигледно се трошени ненаменски и без соодветна процедура, заради поддршка на политичка агенда“.
Доколку владата планирала да слави требало тоа да биде вградено во буџетот за 2026 година. Дека оваа година се исполнуваат 35 години од независноста е нешто што се знае одамна и не можат 5,1 милион ерва да се „отпишат“ како ад хок набавка, која ги изненадила. Многу прашања. И многу причини за одговор, 5,1 милион причини кои чекаат одговори на сите овие прашања. А веројатно има и многу други.

