СДСМ до Мицкоски: Има само една банда, се вика ВМРО-ОКГ и седи во владата

СДСМ

Опозицискиот СДСМ реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во Македонија „нема веќе банди, нема веќе криминал, нема рекетирање, нема веќе марихуана економија, нема веќе провизии од Лотарија“, оценувајќи дека со таквата изјава власта не дава биланс на борбата против криминалот, туку се обидува да ги релативизира аферите за кои опозицијата бара одговорност.

„Нема мали банди точно, има само една голема, таа контролира сè“, наведува СДСМ во реакцијата, во која директно ја обвинува власта дека воспоставила партиско влијание врз институциите.

Од опозициската партија тврдат дека криминалот и корупцијата не исчезнале, туку дека се променил начинот на кој се спроведуваат, обвинувајќи ја власта за влијание врз тендерите, судството и обвинителството, безбедносните служби, енергетиката и игрите на среќа.

„МРО-ОКГ две години ја градеше државата како криминална мрежа: свои луѓе во тендери, свои луѓе во судството и обвинителството, свои луѓе во безбедност – МВР и АНБ, свои луѓе во игри на среќа, свои луѓе во енергетика, свои луѓе поставени низ целиот државен апарат. Потоа излегува премиерот и вели – нема банди. Бандата е на власт. Нема конкуренција на улица кога улицата ја држи кабинетот“, се нагласува во реакцијата на СДСМ.

СДСМ повторно го отвора и прашањето за наводните 5,5 милиони евра поврзани со Државната лотарија, тема која партијата во изминатите денови ја користи како аргумент во критиките кон власта. Од партијата тврдат дека станува збор за средства за кои јавноста треба да добие целосни информации и документација.

Во реакцијата СДСМ го споменува и случајот со запленетите пет тони марихуана, поврзувајќи го со Србија и со српскиот претседател Александар Вучиќ. Опозицијата тврди дека случајот отвора прашања за функционирањето на царинските и безбедносните контроли.

Од СДСМ го обвинуваат премиерот дека наместо конкретни резултати во борбата против корупцијата, испраќа политички пораки за тоа дека криминалот е искоренет.

„Мицкоски не објави резултат. Објави капитулација на институциите“, се наведува во реакцијата.

Опозициската партија бара истрагите за сомнежите за корупција и криминал да не застануваат пред политичката припадност или функцијата на осомничените и најавува дека ќе продолжи политички да ги отвора овие прашања.

Од СДСМ велат дека за нив борбата против криминалот може да биде потврдена само преку независни истраги, судски постапки и утврдена одговорност, а не преку политички изјави.

Владата и премиерот Мицкоски досега повеќепати ги отфрлаат обвинувањата на опозицијата за системска корупција и криминал и тврдат дека институциите работат независно и дека борбата против криминалот е еден од приоритетите на власта.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?