Иако дигиталните можности отвораат нови перспективи за образование, вработување и личен развој, за многу млади во Пелагонија најголемата пречка останува физичката мобилност. Недостигот на редовен и достапен јавен превоз ги ограничува нивните можности за учество во обуки, културни настани и општествени активности, создавајќи географски и социјален јаз меѓу урбаните и руралните средини. Искуствата на младите од регионот покажуваат дека патот до нови знаења и можности честопати е потежок од самата едукација.
Автори: Тони Степановски* и Анета Шијакова**
Ако сакате да одите од Крушево до Битола со јавен превоз, морате да тргнете во 7:20 наутро и да се вратите назад во 12:20 часот. Тоа се термините на единствениот автобус што сообраќа помеѓу овие два града.
Студентката Марта Кузманоска, која често мора да патува на оваа релација, вели дека планирањето на превозот е мачно и фрустрирачко.
„Проблемот е голем за мене како студентка, бидејќи некогаш мора да си одам и преку Прилеп или да се снаоѓам, да патувам со други луѓе што патуваат на истата релација за да стигнам до дома. Овој проблем за нас младите е навистина голем и потребно е да има повеќе автобуски линии“, вели Кузманоска.
Додека во светот се дебатира за вештачка интелигенција и паметни градови, за средношколците и студентите од Пелагонија футуристичкиот светоглед запира на првата автобуска станица. Недостигот на превоз не е само логистички проблем – тој создава социјален и економски јаз што директно го уназадува развојот на младите.
За младите од Новаци, Могила, Ресен и Крушево, патот до Битола, како регионален центар на неформалното образование, по 18 часот е речиси невозможна мисија. Токму тогаш започнуваат повеќето курсеви за програмирање, АИ и дигитален маркетинг, но и сите уметнички настани, театарски и кино претстави, изложби и концерти…
Регионот се соочува со сурова иронија: дигиталните вештини треба да ја „избришат” географијата, но физичкиот пат и натаму останува сериозна кочница.
Блиску, а сепак далеку
Пелагонија, како најголема македонска рамница, на хартија изгледа лесно поврзана, но всушност се соочува со сериозен логистички јаз. Мапирањето на руралните средини во општините Новаци, Могила и Крушево покажува дека во доцните попладневни часови или приквечер, кога обично започнуваат курсевите за програмирање, графички дизајн или за странски јазици во Битола, селата стануваат „отсечени острови“.
Од Новаци и од Могила, иако се на само десетина километри од Битола, по завршувањето на втората училишна смена околу 19 часот, превоз речиси и да нема.

Релацијата Крушево – Битола е особено голем предизвик. Додека преку работната недела постои тој еден автобус, тој не сообраќа за викендите. Студентката Кузманоска вели дека ако сака да учествува на некој едукативен или младински настан во сабота или во недела во Битола, мора да бара алтернативи преку Прилеп или да најде некој што патува со автомобил.
„Тоа реално за мене претставува голем проблем и измачување бидејќи мора да се прекачувам со превозот и многу сум ограничена во таа смисла. Или, пак, мора да доаѓам со индивидуален превоз, односно да замолам некого да ме донесе, што исто така ме доведува да бидам зависна. Ова навистина ми пречи и во социјалниот живот и во кариерниот развој. Особено ми пречи што за сѐ треба предвреме да размислувам и да планирам како да стигнам до Битола и да се организирам за да испадне сѐ како што треба за да можам да стигнам навреме на предавањата на факултет“, раскажува Кузманоска.
Покрај тоа што се губи многу време, немањето директна линија за викендите носи и дополнителни трошоци. Директниот превоз меѓу Крушево и Битола чини 240 денари, додека за релацијата преку Прилеп цената е многу повисока – 370 денари.
Превозот како причина за иселување на младите
Ваквите примери покажуваат дека сѐ уште има голем број млади во Пелагонискиот Регион што се соочуваат со суровата реалност на физичката изолација. Цената на мобилноста е висока. За младите од Буково, за кое наградуваната уметничка Кети Радевска вели дека е „село без автобус“, секојдневното движење е луксуз.
Радевска, чии карикатури стигнаа до Кина и Индија, го црпи својот инспиративен, но болен мотив, токму од родното Буково. Нејзиниот цртеж на весело русокосо момче што трча кон портокалов автобус чиј возач го пречекува со широка насмевка е рефлексија на реалноста каде што превозот е само „желба“.

„Цртежот беше наменет за во Естонија, а темата беше посветена на автобусите. И точно е тоа, ете, поврзано со темата, во селото кај нас нема автобус и секој се снаоѓа како знае и умее“, вели Радевска.
https://w.soundcloud.com/player/?visual=true&url=https%3A%2F%2Fapi.soundcloud.com%2Ftracks%2F2333089457&show_artwork=true&maxheight=1000&maxwidth=696Фото: Приватна архива
„За да одат децата на училиште, им пуштаат комбе до Буковски Ливади. Потоа ги презема друг автобус. Или, пак, одат со родителите. А особено ако има некои активности, децата сакаат да одат, на пример, на курс по англиски јазик, на цртање… Ако родителот нема возило, тогаш не може да го однесе детето. Треба и да го носи и да го враќа. Друг превоз нема. Децата сакаат да имаат превоз што ќе им овозможи секојдневно движење до градот и назад во текот на денот, дали било претпладне или попладне. Тоа ќе им овозможи да имаат активности. Тоа е желба на секое дете“, додава таа.
За многу млади „бесплатниот“ курс во градот е, всушност, многу скап. Ако родителот нема сопствено возило, единствената опција е такси-превозот.

Радевска предупредува дека овој проблем е директен виновник за демографското празнење на селата: „За да функционира секое село, потребен е превоз. Не може секој да има возило. Има луѓе што немаат автомобили или немаат положено возачки испит. Единствен превоз е комбето што е наменето за учениците, но тоа е исклучиво за учениците. Но, и тоа оди до Буковска населба, а потоа се прекачуваат во друг автобус. Тоа комбе доаѓа два-три пати во денот. Затоа многу млади од Буково ја избираат полесната варијанта, односно се преселуваат од Буково во Битола. На тој начин нема да се грижат за превоз, кој инаку и го нема. Ако сакате од село Буково со такси да одите до Битола, потребни се 250 денари. И 250 денари за назад. Тоа се 500 денари за само едно одење, што е премногу скапо“, вели таа.
За младите во Преспа е тешко да стигнат и до плажа
Ситуацијата во Преспа не е ништо подобра. Марија Евтимовска, активистка од граѓанската организација „Еко герила Преспа“, посочува дека укинувањето на средношколските линии дополнително го отежнало движењето на младите во регионот.
„Освен редовните автобуски линии за Битола, средношколските линии се укинати со законот со кој се предвидува над одредена оддалеченост, учениците што учат од Ресен, Битола или од Охрид да имаат избор да престојуваат во интернат и нема патни трошоци за нив, односно школските линии се укинати. Од селата во Преспа мислам дека има само по една линија што е редовна. Таа поминува со еден превоз низ долните села и еден превоз низ горните села. Поминува автобус низ сите села, ги носи и ги враќа во Ресен и толку. Освен тоа, децата се организираат со делење и плаќање на трошоците за такси-превоз или, пак, тоа го прават родителите со свои возила. Тоа е така за малолетните деца. Локално има школски превоз. Тој ги носи учениците од селата до средното училиште, како и до подрачните училишта, бидејќи некои се до петто одделение во централните училишта во градот. Тоа им е организирано, но сепак сметам дека не е доволно“, вели таа.
Евтимовска забележува дека проблемот не е само во едукацијата, туку во целокупниот социјален живот, кој е предуслов за менталниот развој на младите. Младите во Преспа летово не можат ни на плажа да одат ако немаат сопствен превоз. Тоа го уназадува и туризмот и социјалниот живот. Навечер по 22 часот е невозможно да се стигне до селата, вели таа.

„Ако го земеме фактот што летото е потенцијал за користење на туристичкиот капацитет на Преспа, проблем е тоа што нема линија со која би можеле децата и младите од Ресен да одат, на пример, на плажа во Стење. За такво нешто мораат да се организираат со свои средства, односно со свој превоз. Тоа на некој начин го уназадува и туризмот како една од најпотенцијалните гранки во Преспа. Тоа е големо уназадување и за социјалниот живот на младите. Превозот претставува и парично оптоварување. Од Ресен до село Перово, кое е на половина пат од Ресен до Стење, такси-превоз чини 600 денари. Тоа значи дека превозот од Ресен до Стење чини најмалку од 1.000 до 1.200 денари во еден правец. Тоа е прилично голема сума. Проблем е и тоа што нема такси-компании, туку возат возачи ‘на диво’“, вели Евтимовска.
Како алтернативно решение, таа предлага да се размисли за искористување на постојниот капацитет на училишните автобуси.
„Да се воведе практика да може тие комбиња да се користат како еден вид редовна линија ако сака и некој патник да ги искористи. Тоа секако да биде со наплата. Тие автобуси се движат, а не се полнат во целост, бидејќи мал е бројот на деца што се превезуваат со нив. Зошто, на пример, еден млад човек што не е ученик, да не може да се качи во автобусот и да стигне до одредена дестинација каде што се движи автобусот до Ресен, а за тоа да плати некоја пристојна цена. Идејата е да се искористи постојниот капацитет на автобусите, бидејќи и тие се добиени со иницијативите за зелен град, има еколошки автобуси, електрични комбиња и идејата е – ако веќе се зеле за подобро општество, тогаш и да се користат“, вели таа.
Автомобилот како единствен излез
За студентите како Александар Ламановски од Ресен, успехот зависи од способноста за самоорганизирање.
„Со мој автомобил возам од Ресен до Битола. Досега не сум користел јавен превоз, бидејќи уште од почетокот на студиите започнав да одам на факултет со мое возило. Оваа година имам и место за престој во Битола така што месечните издатоци за превозот од Ресен до Битола и назад, сега не се толку големи. Но, лани, кога бев прва година на факултет, секој ден одев од Ресен до Битола и назад. Таа година трошоците за гориво ми беа прилично големи. Кога речиси секој ден мораш да ставиш гориво во возилото за да стигнеш до Битола и да се вратиш, разбирливо е дека нема да биде евтино“, вели тој.
Ваквите услови ги принудуваат младите да се организираат во групи за да ги споделат трошоците. Некој од нив вози еден ден, па другиот вози следниот ден. Целта е да стигнат до Битола со што е можно понизок трошок.
„Но, секако има колеги што немаат возило, а за нив е секако потешко да се организираат. Тоа им се одразува и на учењето и на дружењето. Односно, најмногу се чувствува во однос на времето што можат да го поминат на факултет, во друштво или слично, бидејќи се ограничени од тоа што мораат да се приспособат на термините на јавниот превоз за да се вратат дома. Оние што престојуваат во студентски дом или во стан во Битола се во предност. Но, за другите што мора да патуваат, тоа најмногу им влијае врз времето што можат ефективно да го поминат во друштво или на училиште, за време на часови или за нешто друго од процесот на нивната едукација или социјализација. Тоа е случај, на пример, со учениците и студентите од Прилеп. Тие мора да доаѓаат и да се враќаат со јавен превоз. Од она што го кажуваат, се жалат дека многу време губат во тој превоз“, вели Ламановски.
„Пелалинк“: Битка меѓу јавната услуга и пазарната логика
Локалните власти се свесни за проблемот со превозот и за потребата од повеќе линии, но ресурсите се ограничени. Затоа, општините се здружуваат за да го решат проблемот преку заедничкото претпријатие „Пелалинк“.
Формирањето на меѓуопштинското јавно претпријатие за превоз, кое ги опслужува трите соседни општини во Пелагонија – Битола, Новаци и Могила – е првиот чекор кон системско решение.

Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски, вели дека во последните две години се направени значителни поместувања.
„Во овие две години откога е формирано ‘Пелалинк’, за неговото функционирање Општината издвојува сериозни средства. За 2025 година сме платиле 2,5 милиони денари, а за 2026 година планирани по буџет се 3,4 милиони денари за субвенции по разни основи, за превоз на ученици, слободен превоз и слично. Целта на сето ова е подобрување на квалитетот на меѓуопштинскиот превоз. Имајќи предвид дека станува збор за претпријатие што е многу младо, можам да кажам дека со концептот што го започнавме, имаме значителни позитивни резултати во насока на подобрување на квалитетот на превозот на нашите граѓани, а особено на младите. Обезбеден е редовен линиски превоз за селата што се во пограничниот регион Бач, Живојно, Скочивир и Гермијан. Овие села со децении наназад немаа редовен превоз, а сега тоа го имаат четири пати во текот на денот, секој работен ден во неделата“, вели Стевановски.
Сепак, претпријатието се бори со пазарната логика. Јагода Неделкова, в. д. директор на Меѓуопштинско јавно претпријатие за превоз „Пелалинк“, вели дека работат во средини каде што приватниците не гледаат исплатливост. Таа ги посочува оперативните предизвици на терен.
„Ова меѓуопштинско јавно претпријатие е формирано помеѓу трите општини – Битола, Новаци и Могила. Тоа функционира со цел превоз на учениците од пооддалечените места, каде што за приватните превозници не е исплатливо да ги превезуваат. Трите општини го оформија претпријатието за да можат сите дечиња да стигнуваат навреме на училиште. Значи, онаму каде што не е исплатлив превозот, со субвенционирање од трите општини, целта е да се изврши превоз. Ако е потребно, се патува дури и за едно дете до секое населено место за да се земе, да се однесе на училиште и да се врати назад“, вели таа.
Претпријатието работи со субвенционирање од сите три општини и договорено е тие да ги плаќаат режиските трошоци. „Тие се потребни за да може претпријатието да работи. Договорот е 60 отсто од режиските трошоци да покрива Општина Битола и по 20 отсто општините Новаци и Могила. Во секоја општина има линии со кои се превезуваат децата. Разликата меѓу вкупниот приход и расходот од линиите ги покрива секоја општина каде што тие сообраќаат“, вели таа.
Минатата и тековнава година веќе носат сериозен раст на претпријатието, кое во моментов е важна артерија на поврзување во трите пелагониски општини.
„Додека во 2024 година се работеше со двајца возачи, во 2025 година пополека се зголемува бројот на возачи. Прво се отвори линијата Битола – Јавор – Поешево, потоа Шехерезада – Лавци и на крајот на годината и линијата Шехерезада – Кременица. Значи, имаме уште три нови линии, покрај меѓуопштинските линии од претходната година Битола – Долно Чарлија и Битола – Скочивир. Општински линии во 2025 година се Јавор – Поешево, Шехерезада – Лавци и на крајот од годината Шехерезада – Кременица. Во Могила се активни линиите Могила – Мојно, Могила – Ивањевци и Могила – Долно Чарлија. Тука ги возиме децата од основно училиште“, посочува Неделкова.
Пелагониските општини ги чекаат автобусите што ги најави Владата
Извесно е дека потребите на младите во регионот во однос на превозот се и поголеми од актуелните можности, но и превозниците се соочуваат со реални предизвици. Истовремено развојните планови бараат поголема поддршка од државата.
„Чекаме да видиме што ќе има од најавените автобуси од Владата. Пред извесно време од Министерството за транспорт и врски ни побараа да поднесеме барање колку автобуси би ни биле потребни. Тогаш како меѓуопштинско претпријатие доставивме барање. Побаравме девет автобуси да бидат за Општина Битола, три за Новаци и три за Могила. Доставивме и опис како би ги искористиле тие автобуси. Исто така, има потреба и од зголемување на платите за да имаме зголемување на бројот на возачи. Сепак, ако се сетиме дека почнавме со двајца возачи, а сега имаме девет возачи, а со текот на времето се зголемува и бројот на линии, тоа јасно укажува на напредок“, вели в. д. директорката на „Пелалинк“, Неделкова.
И градоначалникот на Битола Тони Коњановски потврдува дека е потребно да се прошири возниот парк за јавен превоз. Во понуда на квалитетен јавен превоз тој гледа можност и за растоварување на централното градско подрачје од густ сообраќај, но и поголема поврзаност на селата со Битола.
„Она што го најави и го вети Владата е дека во тој циклус на набавка на 150 автобуси, 100 се за град Скопје, а другите 50 ќе бидат распоредени во градовите каде што има организиран градски превоз. Тука е и Битола. Имаше еден допис до нас уште минатата година. Притоа изразивме интерес да добиеме дел од тие автобуси. Јас се надевам дека од тој пакет ќе добиеме автобуси што секако ќе ги вклучиме во јавното претпријатие ‘Пелалинк’ и тоа многу ќе значи. Во таа насока ние се трудиме да обезбедиме и соодветен простор за нив. Најавата беше дека ќе бидат електрични. Тоа значи дека за нив ќе треба и посебни полначи со соодветна волтажа. Тоа е една од работите што навистина ни се неопходни со оглед на тоа што на граѓаните треба да им се овозможи алтернатива, а ние се трудиме централното градско подрачје што повеќе да го ослободиме од автомобили“, вели градоначалникот.
***
За младите во Пелагонија, пристапот до образование, култура и нови можности сè уште зависи од нешто многу поосновно од дигиталните вештини – дали има автобус што ќе ги однесе до нивната дестинација. Кога тие линии недостигаат, не се губи само превозот – се губат луѓе, идеи и иднината на цели заедници.
Додека институциите најавуваат нови возила и подобрување на мрежата, многумина и понатаму ја плаќаат цената на изолацијата со изгубено време, дополнителни трошоци и ограничени животни избори.
*Тони Степановски е граѓански активист од здружението „ИКТ свет“
** Анета Шијакова е новинарка
Оваа сторија е преземена од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.
