Прободеното дете во Чаир е во стабилна, но и натаму животозагрозувачка состојба, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Последните информации со кои располага министерот се од вчера, а детето останува под интензивен лекарски надзор по тешката повреда на срцето.
Клековски посочи дека позитивен показател е тоа што кинетиката, односно движењето на срцето, е во ред. Сепак, опасноста по животот сè уште не е надмината.
„Добрата страна е што движењето на срцето е во ред, меѓутоа детето сè уште е во животна опасност“, изјави Клековски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тринаесетгодишното дете беше тешко повредено во физичка пресметка што се случила на 31 август, околу 22 часот, на подрачјето на скопски Чаир. По директниот убод во пределот на срцето, детето било оперирано и сместено на интензивна нега.
Според информациите од Основното јавно обвинителство Скопје, во насилството учествувале деветнаесетгодишник и неговиот малолетен брат, кој е под законската граница за кривична одговорност. Во инцидентот, едно дете и едно полнолетно лице се здобиле со тешки повреди од нож, додека уште едно дете било полесно повредено.
На деветнаесетгодишниот осомничен му е определен триесетдневен притвор поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоци и ризик да го повтори делото. Неговиот тринаесетгодишен брат не може кривично да одговара поради возраста и со него ќе постапуваат социјалните служби.
Истрагата за насилството продолжува, додека лекарите ја следат состојбата на тешко повреденото дете.

