Вилата во Трст, банкарските трансфери и договорите за недвижности во Белград се предмет на обвинителска проверка на имотот на белградскиот градоначалник Александар Шапиќ. Постапката треба да утврди дали тој дал точни и целосни податоци за својот имот и приходи.
Третото основно јавно обвинителство во Белград соопшти дека презема доказни дејствија во предистражна постапка, по кривична пријава од Агенцијата за спречување корупција.
Обвинителството изготвило барање за меѓународна правна помош до Италија. Со него се бара документација за сопственоста, површината, вредноста и начинот на стекнување на недвижноста во Трст, како и банкарски податоци за проверка на изворот на средствата за купувањето.
Во Србија веќе се прибавени купопродажни договори од пет нотари, а побарани се и податоци за платените даноци.
Случајот стана јавен по истражувањето на БИРН од јануари 2023 година. Новинарите објавија дека Шапиќ во 2018 година купил имот во Трст за 820.000 евра, чии карактеристики не одговарале на недвижноста прикажана во неговата имотна пријава.
Според БИРН, разликата неодамна била потврдена и со првостепена пресуда во спорот што Шапиќ го поведе против редакцијата. Судот ја одбил неговата тужба, оценувајќи дека новинарите имале фактичка основа за објавените наводи.
Во пријавата до Агенцијата бил наведен двокатен стан од 150 квадратни метри. Италијанските документи, пак, покажувале вила од 399 квадратни метри, гаража и удели во пристапен пат и шумско земјиште.
Шапиќ пред судот тврдел дека го пријавил имотот и дополнително го доставил купопродажниот договор. Пресудата во спорот со БИРН не е правосилна и на неа е дозволена жалба.
Тоа е одделна постапка од обвинителската проверка. По прибирањето на документацијата од Италија и Србија, обвинителството треба да утврди дали постојат услови за кривично гонење.

