Првото училишно ѕвонче заѕвони и во подрачните училишта во битолските села Поешево и Кременица. Но, наместо детска врева и полни училници, во нив годинава ќе има по само едно прваче.
Тоа е необичниот почеток на новата учебна година во две подрачни училишта во Битолско – училиштето „Коле Канински“ во Поешево, едно од најблиските села до градот, и подрачното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во пограничната Кременица.
И во двете училишта единствениот ученик е прваче. Наместо првите училишни денови да ги споделуваат со соученици, двете деца годинава ќе имаат поинакво училишно искуство – во училницата ќе бидат сами со наставникот.
Од Општина Битола велат дека и покрај малиот број ученици, училиштата ќе продолжат да работат. Одлуката е донесена по барање на родителите, кои според закон имаат право да изберат каде ќе се школува нивното дете.
„Имаме две подрачни училишта каде што имаме само по еден ученик. Тоа е на барање на родителите, учениците си остануваат во тие подрачни училишта иако нема други ученици. Родителот според закон има право да избира за своето дете“, рече советничката за образование при Општина Битола, Наташа Ташкова-Поповска.
Иако бројката е само еден ученик, приказната зад неа е многу поголема. За родителите, училиштето во селото не е само место каде што детето ќе ја научи азбуката и првите броеви. Тоа е и знак дека селото сè уште има живот и дека најмладите не мора веднаш да заминат во град за да го започнат своето образование.
Така, годинава во Поешево и во Кременица нема да има полни ходници, детска врева и групна фотографија на цело одделение. Но, ќе има ученик доволен за да остане вклучено училишното ѕвонче. Сепак, во иднина од педагошки аспект ќе треба да се направи анализа колку ваквите ситуации се соодветни за социјализација на учениците, а од економска гледна точка колку се исплатливи. Но, останува надежта дека следните години ќе дојде уште некое прваче, па школите нема да останат со еден ученик, а двете села без училишта.
Ж. З.
*Текстот е преземен од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

