Филипче: Кочовска и Мицкоски да одговорат зошто се крие долгот од 350 милиони евра на ЈПДП?

Филипче

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска побара од Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Кочовска да одговорат зошто во официјалните податоци за јавниот долг го нема долгот од 350 милиони евра на ЈПДП, за кој гарантира Владата.

„Еден од главните соучесници во овие лоши економски политики на премиерот Христијан Мицкоски е министерката за финансии Гордана Кочовска. Од неа и од премиерот, секако, денес бараме да одговорат на едно прашање.  Зошто во официјалните податоци за јавниот долг се крие долгот од 350 милиони евра на ЈПДП, за кој што гарантира владата? Зошто го нема во официјалните табели?“, праша Филипче.

Тој побара одговор и зошто најавеното ново задолжување, кое поминало како потреба на владината седница на 31 август од 1,3 милијарди евра, го нема во ребалансот на Буџетот.

„И дали со тоа планираат да го прекршат Законот за буџет? Еве го документот кој што поминала информација и потреба за задолжување на земјава со нови 1,3 милијарди евра. Повторувам, 1,3 милијарди евра. Нов долг. Со кој што вкупниот долг, со кои пари, ќе порасне на земја на досега рекордни, никогаш достигнати, скоро 12 милијарди евра“, рече Филипче.

Филипче предупреди дека со новото задолжување, за нешто повеќе од две години од власта на Мицкоски ќе бидат создадени речиси 4 милијарди евра нов долг.

„Скоро 4 милијарди евра. Нов долг. За само 2 години и неколку месеци од владата на Христијан Мицкоски“, рече претседателот на СДСМ.

Со ова долгот ќе достигне околу 65% од БДП.

„Оваа власт едноставно ниту има капацитет, ниту стратегија, ниту план, ниту желба да направи нешто добро за граѓаните. Само брутално задолжување“, рече Филипче.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?