Црна Гора забрзува кон ЕУ, затворени 23 поглавја, остануваат уште десет

Црна Гора стигна до 23 привремено затворени поглавја во преговорите со Европската Унија, откако на меѓувладината конференција во Брисел на 6 ноември затвори уште две области. Од вкупно 33 отворени поглавја остануваат десет, а Подгорица цели кон завршување на преговорите до крајот на 2026 година и членство во 2028 година.

Последниот напредок се однесува на поглавјето 1 за слободно движење на стоките и поглавјето 12 за безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика. Нивното затворање е потврдено и од европските институции.

Одлуката следува помалку од еден месец по претходната конференција, одржана на 12 октомври, кога беа привремено затворени три поглавја: економска и монетарна политика, статистика и социјална политика и вработување.

Од Брисел пристигнува оценка дека завршувањето на преговорите годинава е реално, под услов да се спроведат неопходните реформи. Ирскиот државен министер за европски прашања и одбрана, Томас Бирн, во име на ирското претседателство со Советот на ЕУ, го поздрави напредокот и ја потврди поддршката за продолжување на процесот.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ очекува дополнителни меѓувладини конференции во следните недели. Неговата влада ја поставува временската рамка во три чекори: завршување на преговорите до крајот на 2026 година, потпишување договор за пристапување во 2027 и полноправно членство во 2028 година.

Европската комесарка за проширување Марта Кос претходно посочи дека договорот за пристапување би можел да биде потпишан најрано во јуни 2027 година. Тоа е можен рок во процесот, додека членството во 2028 останува цел кон која работи Подгорица.

Привременото затворање на поглавјата подразбира продолжено следење на усогласувањето и примената на европските правила. Според преговарачките принципи, договореното во поединечните области станува конечно кога ќе биде постигнат целосен договор за сите поглавја.

Црна Гора ги започна пристапните преговори во јуни 2012 година. Советот на ЕУ во април 2026 година формираше и посебна работна група задолжена за подготовка на нејзиниот договор за пристапување и придружните акти.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?