Филков во тесно за реформите, ги премолче судските службеници и пратениците во Собранието, откако предлог-законите за судска и јавнообвинителска служба предизвикаа остри реакции, предупредувања за мешање на извршната власт во судството и критики дека Министерството за правда не ги слуша оние што секојдневно го носат товарот на правосудниот систем.
Министерот за правда Игор Филков се најде во центарот на политичка и институционална критика по амандманската расправа за законските измени, на која опозициските пратеници го обвинија дека нема вистинска одбрана на реформите. Според објавените информации, и покрај повиците да објасни зошто не се прифаќаат амандманите, Филков не излегол со суштинско образложение од говорницата.
Наместо него, во расправата повеќепати настапувала пратеничката Весна Бендевска од ЗНАМ, партија од која доаѓа и министерот. Опозициските пратеници ја нарекоа негов „адвокат“ и „портпарол“, оценувајќи дека министерот молчи во момент кога треба да ја брани една од најчувствителните реформи во правосудството.
Критиките не доаѓаат само од политичката опозиција. Судските и јавнообвинителските службеници претходно предупредија дека предложените решенија можат да доведат до директно мешање на извршната власт во нивната работа. Тие укажаа дека судовите и обвинителствата веќе се соочуваат со сериозен недостиг на кадар, а со вакви решенија системот дополнително може да се испразни.
Една од најсериозните забелешки е дека голем дел од вработените во судовите би останале под режимот на административна или јавна администрација, наместо да бидат јасно третирани како дел од судската служба. Претставници на службите предупредија дека ваквата поставеност го нарушува принципот на независност на судството и отвора простор за влијание од извршната власт.
Во Собранието биле поднесени десетици амандмани врз основа на забелешките на синдикатите и претставниците на судската и јавнообвинителската служба. Според објавените информации, прифатени биле само два амандмани, додека клучните барања биле одбиени.
Меѓу одбиените предлози биле барањата вработените да се водат како судски службеници, а не како државна администрација, платите да се врзат со просечната бруто-плата, а не со минималната плата, како и подзаконските акти да ги носи Советот на судска служба, а не министерот за правда.
Опозицијата оцени дека на власта ѝ се брза да ги донесе законите до крајот на јуни, бидејќи тие се дел од реформската агенда. Но токму тука се отвора главното прашање: дали реформата може да биде реформа ако ја критикуваат луѓето што треба да ја спроведуваат во пракса?
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, според објавените информации, ги поддржала барањата на службите, оценувајќи дека без финансиска поддршка не може да има независно, ефикасно и ефективно судство. Таа нагласила дека не станува збор само за платите на судиите и обвинителите, туку и за логистичката поддршка без која правосудниот систем не може да функционира.
Министерството за правда, пак, ги отфрли критиките, тврдејќи дека неприфаќањето на амандманите не претставува игнорирање на засегнатите страни. Од Министерството наведоа дека амандманите биле разгледани и дека одлуките се донесени врз основа на законски, финансиски и институционални анализи, како и усогласување со важечката законска рамка.
Сепак, реакцијата на Министерството не го затвори прашањето. Напротив, го засили впечатокот дека реформата на Филков влегува во Собранието со сериозен товар: незадоволни службеници, критики од опозицијата, предупредувања за кадровски одлив и сомнежи дека судската власт ќе добие уште поголема зависност од извршната.
Правосудството одамна е една од најслабите точки на државата. Затоа секоја реформа што се носи без убедлива јавна аргументација и без доверба од службите што треба да ја спроведуваат, ризикува да изгледа како уште една хартиена промена, а не како вистинско зајакнување на системот.
