Американскиот „Закон за Србија“ ги таргетира руските и кинеските влијанија: Дали и Стоилковиќ е дел од приказната?

Стоилковиќ
Рускиот претседател Владимир Путин со политичари од коалицијата Обединета Црна Гора на српските партии во оваа земја Андријо Мандиќ, Милан Кнежевиќ и Горан Даниловиќ и со Иван Стоиљковиќ, од Демократската партија на Србите во Македонија. јануари 2019 година

Иван Стоилковиќ, министерот за локална самоуправа, во Владата на Мицкоски, и неговата партија ДПСМ, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, се чини дека се најдоа во поширокиот круг на „Законот за Србија“ на Конгресот на САД, кој го опфаќа и Западен Балкан и политичарите од регионот, кои застапуваат интереси на трети земји или се под руско и кинеско влијание.

Зоран БОЈАРОВСКИ

На 27 август, оваа 2026 година, во Претставничкиот дом на Конгресот на САД беше претставен „Закон за Србија“, кој се цитира како „Закон за поддршка на владеењето на правото, градење институционална правда и одговорност во Србија“, или на кратко „Закон за Србија“.

Предлагачите на „Законот за Србија“ тргнуваат од утврдените факти дека одредени политички структури и личности во оваа земја на високи позиции одобруваат или се под руско и кинеско влијание кое ја дестабилизира земјата и ја одржува во состојба на континуирана политичка и општествена криза. Како почеток на оваа состојба се означува падот на настрешницата во Нови Сад по што во земјата непрекинато се активвни студентски и граѓански протести.

„Законот за Србија“ предвидува и барање за ​​одобрување на одредени дејствија во однос на актерите означени како подложни на руски и конески влијанија, како што се строги визни и економски санкции за поединци и ентитети.

Она што го свртува вниманието на овој закон е дека со него е опфатен и Западен Балкан генерално.

Актот „Закон за Србија“ повикува на употреба на извршните наредби на САД за воведување строги визни и економски санкции кон било кој поединец или ентитет во Западен Балкан кој:

​- Ја загрозува регионалната стабилност и мир.

​- Е вмешан во висока корупција.

​- Ги поткопува демократските институции.

​- Врши сериозни прекршувања на човековите права.

​Законот го става акцентот на Ззаштитата на регионот од малигни влијанија, а Србија ја гледа како на потенцијална влезна точка за руското и кинеското влијание кое може да се прелее и да го дестабилизира целиот Западен Балкан.

​Евроатлантска интеграција: Се нагласува дека целта на американската политика е да го заштити целиот регион од конфликти и да ја поддржи неговата интеграција во Европската Унија, што е директно загрозено од автократските тенденции.

​Накратко, законот ја третира Србија како клучен фактор за стабилноста на Западен Балкан, но смета дека нејзините моментални политики го дестабилизираат не само сопственото општество, туку и целиот регион.

Уште поконкретно, „Законот за Србија“ повикува да се санкционираат сите поединци во регионот кои се вклучиле или се обиделе да се вклучат во дела што го попречуваат или го загрозуваат спроведувањето на кој било договор или рамковен механизам за регионална безбедност, мир, соработка или меѓусебно признавање или механизам за одговорност поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги:

– Преспанскиот договор од 2018 година;

– Охридскиот рамковен договор од 2001 година;

– Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации

– Дејтонскиот договор;

– Заклучоците од Советот за Конференција за имплементација на мирот одржана во Лондон во декември 1995 година, вклучувајќи ги одлуките или заклучоците на Високиот претставник, Советот за имплементација на мирот или неговиот Управен одбор; и

– Судењето на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, или, во однос на поранешна Југославија.

Иван Стоилковиќ и „Законот за Србија“ на САД

Проширувањето на дејствијата на „Законот за Србија“ на Западен Балкан не доведува до Македонија и до Иван Стоилковиќ и неговата Демократска партија на Србите во Македонија, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски во македонската Влада.

Ако ги земете речиси сите активности на Стоилковиќ и на ДПСМ во последните години, речиси сите се поклопуваат со листата наведена во „Законот за Србија“ за попречување или го загрозување спроведувањето на кој било договор или рамковен механизам за регионална безбедност, мир, соработка или меѓусебно признавање или механизам за одговорност поврзан со Западен Балкан.

Да почнеме од најсвежиот случај. Стоилковиќ и неговиот партиски „друг“ Далибор Китановиќ беа во центарот на скандалот со воспевањето на воениот злосторник Ратко Младиќ.

Случајот „Ратко Младиќ“ отвори нешто многу поголемо од спорот околу една скандалозна објава на социјалните мрежи. Отвори прашање за двојниот аршин на власта. Додека од директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Далибор Китановиќ Владата очекуваше да го повлече својот став за Младиќ или да си поднесе оставка, за министерот Иван Стоилковиќ – чија партија исто така објави содржина со која се велича осудениот воен злосторник – нема такво барање.

Токму тука завршува приказната за една спорна објава и почнува приказната за политичката одговорност во Владата на Христијан Мицкоски.

Инаку, Стоилковиќ е познат по неговите изјави дека нападите врз него се напади врз српскиот народ.

Затоа за него не беше јасно зашто македонската јавност се прашуваше што бараше македонскиот вицпремиер Стоилковиќ на нелегитимен настан на Република Српска заедно со проруските „Ноќни волци“, кога на 9 јануари во Бања Лука се славеше „Денот на Република Српска“.

Иван Стоилковиќ не се воздржуваше да биде во центарот на вниманието и со својот „пис“ јазик

Иван Стоиљковиќ, Заменик претседател на Владата на Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, во објава на социјалните мрежи напиша:

„Напумпамо ве на избори! Да не сакате и некое друго пумпање? Затвори чекав…“, како реакција на пост на организацискиот секретар на СДСМ Мартин Костовски, кој на Фејсбук изрази поддршка за студентите и за граѓаните на Србија за еден од големите протести во Белград.

И „Преспанскиот договор“, кој е под „заштита“ со „Законот за Србија“, беше една од темите за кои се произнесуваше негативно Стоилковиќ.

Во една прилика, зборувајќи за Преспанскиот договор, тој потсети дека бил меѓу оние кои се спротивставувале на него и дека во тоа време мнозинството граѓани на Северна Македонија го делеле овој став. Иако членството во НАТО беше постигнато, очекувањата дека вратите на Европската Унија автоматски ќе се отворат не се остварија, беше аргументот на македонскиот вицепремиер.

Русија и Кина во срцето

Кога станува збор за Кина, Стоилковиќ во интервју за Кинеската медиумска група, изјави дека неговото доаѓање на Конференцијата на локални лидери на Кина и Северна Македонија во покраината Шандонг во мај оваа година, треба да се сфати како визија за развој на соработката меѓу двете земји во блиска иднина.

Стоилковиќ рече дека соработката на обичните луѓе и локалните самоуправи е можеби најдобриот и најперспективниот начин за подобрување на меѓудржавната соработка.

„Македонија ја гледа Народна Република Кина како значаен економски партнер и пријателска земја со која постои простор за понатамошно продлабочување на соработката, особено во областите на земјоделството, инфраструктурата, инвестициите, технологијата, туризмот, образованието, културната размена…“, рекол Стоилковиќ во говорот на таа конфереција.

Само еден ден пред да замине за Кина, САД го ојавија свото стратешки документ за Западен Балкан, во кој влијанието на Кина и Русија има посебно поглавје:

Посебен дел од извештајот ги испитува ризиците од „малигно надворешно мешање“, особено од Русија и Кина. Според Вашингтон, Москва ги користи етничките тензии, енергетската зависност и поддршката за дестабилизирачки политички актери за да ја поткопа довербата во западните институции. Кина, пак, го проширува своето влијание преку заеми, инфраструктурни проекти, економски притисок и политички врски со локалните елити.

И, сега?!? Како да се гледа на изнесените ставови на Стоилковиќ на конференцијата во Кина?

Тие негови ставови може да се лични, но тој таму се легитимирал како вицепремиер на македонскста влада и се поставува прашање дали тие ставови се и ставови на Владата на Мицкоски.

Во однос на Русија, останува во сеќавање средбата на рускиот претседател Владимир Путин со црногорските политичари Андрија Мандиќ, Милан Кнежевиќ и Горан Даниловиќ (во присуство на Марко Милачиќ) се одржа на 17 јануари 2019 година во Белград, за време на официјалната посета на Путин на Србија.

На таа средба и фотографијата што ја овековичи, се најде и Иван Стоилковиќ.

Настанот се одржа во Палатата на Србија, откако српскиот претседател Александар Вучиќ ја претстави оваа група политичари на рускиот претседател, на која на Путин му било пренесено дека „поголемиот дел од Црна Гора го гледа и него како свој претседател“

Според официјалните изјави на актерите тогаш, Владимир Путин им се заблагодарил за нивната поддршка, им рекол да „издржат“ и ги нарекол „вистински херои“.

Оваа фотографија и информациите за состанокот сè уште често се цитираат во регионалните медиуми, како што се извештаите на Слободна Европа и РТЦГ, како илустрација на политичките врски меѓу Руската Федерација и просрпските или проруските политички партии во Западен Балкан.

Сите овие активности на министерот за локална самоуправа, член на Владата на Северна Македонија и коалициски партнер на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, го наметнуваат прашањето дали Стоилковиќ е фактор на нестабилност за Македонија како канал за влијанија од Москва и Пекинг. Тоа е прашање не само за македонската јавност, туку и за Владата и премиерот Мицкоски, особено во период кога тој настојчиво се обидува да му се додвори на Трамп и на Вашингтон.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?