Блокада на границите кон Европската Унија е најавена од 14 септември, откако превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора оценија дека Брисел не понудил прифатливо решение за престојот на професионалните возачи во Шенген зоната. Протестот треба да ги опфати товарните гранични премини и да трае до исполнување на нивните барања.
Одлуката за заедничка регионална акција следува по протестите одржани на 31 август пред претставништвата на Европската Унија во Скопје, Белград, Сараево и Подгорица. Превозниците потоа одржале регионален состанок на кој ја потврдиле намерата да преминат кон блокади доколку не добијат конкретно решение.
Во центарот на спорот е правилото според кое државјаните на земјите што не се членки на Европската Унија можат да престојуваат во Шенген зоната најмногу 90 дена во период од 180 дена. Возачите тврдат дека нивната работа бара значително подолг престој и дека не треба да бидат третирани како туристи, бидејќи во европските држави влегуваат за да превезуваат стока.
Превозниците предупредуваат дека професионалните возачи веќе се враќаат од границите, добиваат забрани за влез и се соочуваат со депортации. Според податоците на српските транспортни здруженија, повеќе од 50 возачи од Србија биле вратени од шенгенските граници во период од само една недела.
Дополнителниот притисок доаѓа од Системот за влез и излез, кој електронски го регистрира времето поминато во Шенген зоната. Европската комисија нагласува дека системот не воведува ново ограничување, туку овозможува попрецизна примена на постојното правило за престој.
Брисел соопшти дека не планира да ги менува шенгенските правила, но дека е подготвен да разговара за практични решенија. Меѓу можностите што ги посочува Европската комисија се билатерални договори меѓу земјите од Западен Балкан и одделни членки на Европската Унија.
За превозниците, таквото решение не е доволно. Тие бараат посебен правен режим за професионалните возачи, со кој времето поминато во Шенген зоната нема да се пресметува на ист начин како престојот на останатите патници.
Најавата се однесува на целосна блокада на товарните гранични премини кон земјите од Европската Унија. Засега не е најавено запирање на патничкиот сообраќај, но долгите колони од камиони би можеле да предизвикаат дополнителни задржувања и на останатите возила.
За Македонија, директно би биле погодени товарните рути кон Грција и Бугарија, како и превозот што продолжува кон Европската Унија преку Србија. Регионалната блокада би можела да го забави извозот, увозот и снабдувањето со стока, а црногорските превозници веќе предупредуваат дека подолг прекин на транспортот може да донесе и повисоки цени.

