ДЗР алармира: Фотоволтаици се граделе без систем, план и контрола

Државниот завод за ревизија откри дека со години немало државен план за обновливи извори, па општини незаконски одобрувале мегапроекти без вистински надзор на терен.
FLICKR

Изградбата на фотоволтаични електрани во Македонија со години се одвивала без функционален систем за планирање, институционална координација и соодветен теренски надзор, утврди Државниот завод за ревизија во својот најнов ревизорски извештај. Државните ревизори нотираат дека во периодот од 2022 до мај 2025 година дозволи за производство на струја од сонце се издавале во услови на сериозни правни празнини, што отворило простор за самоволие и хаос на теренот.

Ваквото стихијно градење директно влијае врз стабилноста на домашниот електроенергетски систем, сигурноста во снабдувањето со струја и користењето на плодното земјиште. Наместо рамномерен развој и заштита на јавниот интерес, инвеститорите се соочувале со нееднаков третман при плаќањето на комуналиите и роковите за постапките, додека институциите формално давале согласности без реални проверки на капацитетите на мрежата.

Клучниот пропуст произлегол од фактот што сè до мај 2025 година државата воопшто немала донесено Индикативен план за изградба на капацитети од обновливи извори. Поради тоа, министерствата не можеле законски да предложат владини согласности за поголемите проекти, па одобренијата за градење се издавале исклучиво според општиот Закон за градење, каде што фотонапонските централи биле ставени во иста категорија без оглед на нивната големина.

Ревизорите регистрирале драстични примери каде што локални самоуправи издале дозволи за три огромни централи на земјиште со моќност од 19, 174 и дури 337 мегавати. Станува збор за стратешки градби од исклучително државно значење за кои дозволи смееле да издаваат исклучиво надлежното министерство и Владата, а не локалните општински власти.

Иако новиот Закон за енергетика донесен во мај 2025 година воведе обврска за носење годишни планови, ревизијата утврди дека слабостите продолжуваат поради бавноста на администрацијата. Во Годишниот план за 2026 година не учествувале дури 74 општини затоа што ресорното министерство навреме не ја донело потребната методологија за изработка на општинските енергетски планови.

Дополнително, сè уште не се донесени клучните подзаконски акти за критериумите за добивање овластување, ниту пак е формирана соодветната комисија, што создава институционален застој за сите нови електроенергетски проекти еднакви или поголеми од еден мегават.

„Во периодот од 2022 до мај 2025 година, воспоставениот систем за издавање на дозволи за изградба на фотонапонски електроцентрали не овозможи целосна законска усогласеност, навремено планирање, координирано институционално постапување, ниту пак ефикасно спроведување на постапките“, констатираат ревизорите на ДЗР во официјалниот извештај.

На теренот ревизијата открила речиси целосно отсуство на инспекциски надзор над вградената техничка опрема и над исполнувањето на обврските од градежните дозволи. Општините воопшто не вршеле надзор врз примената на Законот за енергетика, а државниот Регистар на електроцентрали останал нецелосен и неусогласен.

Посебен еколошки ризик претставува фактот што во државата сè уште нема прецизна категоризација на отпадот од соларните панели и батериските складишта за енергија. Доколку итно не се воспостави систем за селекција и третман на оваа специфична опрема, ревизијата предупредува на сериозни долгорочни последици по животната средина и здравјето на граѓаните.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?