Борко Ристовски под лупа: Наместо реформи, централизирање на моќта за влијанија во спортот

Ристовски

Институционалната трансформација на Агенцијата за млади и спорт во ново Министерство за спорт, ветена во изборната програма, под водство на Борко Ристовски се покажа како најобична бирократска измама која не донесе никаква суштинска реформа, туку послужи исклучиво за централизација на моќта.

Наместо да се воспостави систем со „јасно утврдени критериуми“ и „праведно вреднување на резултатите“ како што децидно се ветуваше со новиот Закон за спорт, министерот Ристовски воведе крајно нетранспарентен модел на директни субвенции.

Министерот Ристовски до ден-денес нема донесено ниту јавно објавено детален Правилник или Методологија со која генералните законски критериуми (како ранг, број на спортисти и популарност) би се претвориле во конкретни бодови и финансиски средства.

Поради оваа, само нему позната методологија, ниту еден спортски субјект во државата, ниту пак пошироката јавност, не знае колку вреди еден бод во денари при распределбата на државните пари.

Начинот на кој се мери „популарноста“ на одреден спорт е целосно скриен, со што финансирањето е сведено на 100% дискрециона одлука која зависи исклучиво од субјективната волја на министерот.

Нетранспарентност и фаворизирање

Министерството за спорт предводено од Ристовски свесно ги крие деталните табели и поединечните одлуки за тоа кој клуб и која федерација колку средства добила.

Во април оваа година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација поведе постапка по службена должност против Министерството за спорт и Одбојкарската федерација на Македонија, поради сомневање за директна дискриминација врз основа на пол, во областа на образованието, науката, спортот и пристапот до добра и услуги.

Имено, на 33-тото издание на Купот на ОФМ во 2026 година, машкиот победнички тим бил награден со 1.000.000 денари, додека женскиот победнички тим добил 500.000 денари.

Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, ваквиот различен третман при определување на државните парични награди претставува поделба на корисниците врз основа на пол, при што женските тимови се ставени во понеповолна положба.

Со тоа се повредуваат одредбите од член 5 и член 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Ракометна хегемонија и кец по математика

Како поранешен ракометар, Ристовски дозволи Министерството да се претвори во сервис за фаворизирање на ракометот, воспоставувајќи „ракометна хегемонија“ на штета на сите останати спортови.

Индивидуалните, помалите и базичните спортови се доведени до раб на егзистенција поради преполовената државна поддршка, што е директна спротивност на ветувањето за донесување Национална стратегија која ќе ги мапира проблемите на сите спортски субјекти во државата.

Наместо институцијата да биде партнер на спортот, министерот Ристовски влезе во отворени и деструктивни конфликти со бројни спортски федерации кои го критикуваат неговото самоволие.

Изборното ветување за воведување „Спортски денар“ – издвојување на 1 денар од литар наточено дизел гориво со цел собирање 50 милиони евра директна поддршка годишно – се покажа како обична фискална измама и математички невозможен проект кој никогаш не заживеа.

Ова беше и остана најслабата точка во целата програма на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи паѓа на основна математика и макроекономија.

За да се соберат 50 милиони евра (што е околу 3,075,000,000 денари), по цена од 1 денар од литар, државата треба да потроши над 3 милијарди литри дизел гориво годишно. Реалната потрошувачка на дизел во Македонија е повеќекратно помала од оваа астрономска бројка. Оттука, проектираната сума од 50 милиони евра е целосно нереална и претставува фискален популизам.

Освен тоа, врзувањето на наменски средства од акцизи (наменски даноци) е концепт кој секогаш наидува на отпор кај Министерството за финансии, бидејќи ја нарушува ликвидноста на централниот буџет. Програмата ветуваше, а неисполни нешто што е математички невозможно со предложениот модел на 1 денар од литар дизел.

Мегаломанија и „капитален“ популизам

Капиталните ветувања за инфраструктурата доживеаја целосен колапс; најавениот Национален спортски центар „Методија Андонов Ченто“, кој требаше да има фудбалски стадион, голема спортска сала, конференциски сали, Спортски музеј и Институт за спортска медицина, не е ниту започнат.

Ова е класичен пример на капитален популизам. Ветувањето дека сето ова ќе се изгради „во текот на следниот мандат“ (што значи до 2028 година) е градежно, логистички и финансиски невозможно за држава со нашиот буџетски капацитет.

Само изградба на еден модерен фудбалски стадион бара повеќегодишна фаза на проектирање, експропријација на земјиште, распишување меѓународни тендери и повеќегодишна градба.

Спакуваното ветување за стадион и огромна сала во еден единствен мандат претставува список на желби, а не реален извршен план.

Децентрализирана спортска инфраструктура: Мртва буква на хартија

Ветувањето за изградба на повеќенаменски спортски комплекс во Битола врз основа на потребите на регионот остана само мртва буква на хартија со која беа изманипулирани гласачите.

Изречното ветување за завршување и пуштање во употреба на базенот во Охрид е целосно игнорирано од страна на Министерството за спорт.

Модернизацијата на повеќе фудбалски стадиони низ државата воопшто не се спроведува, оставајќи ги спортските работници и навивачи со субстандардни услови за натпреварување.

Најавената ревизија на сите концесии поради кои спортските сали се запуштени и неупотребливи не се реализираше, што значи дека државниот имот и понатаму пропаѓа во рацете на неодговорни концесионери без никаква реакција од министерот.

Отворањето на посебен сектор во рамки на Министерството кој требаше да направи регистар на сите спортски објекти и проценка на нивната состојба не резултираше со јавен, транспарентен податочен систем, претворајќи го овој сектор во место за вдомување партиска администрација.

Планот за соработка со општините за годишни вложувања во спортски терени на отворено, фитнес зони и тартан патеки достапни за сите граѓани е целосно маргинализиран бидејќи буџетот се исцрпува на фаворизирани субјекти и тајни субвенции.

Ветувањето за субвенционирање на месечната членарина во спортските клубови за талентирани деца од семејства што немаат доволно финансиски средства е нефункционално, бидејќи малите локални спортски школи немаат увид како Министерството распределува пари.

Женскиот спорт остана на маргините наспроти ветувањата

Најавеното „посебно внимание“ и дополнителна финансиска поддршка за спортските клубови со цел зголемување на вклученоста на жените и девојчињата во спортот не се случи, оставајќи го женскиот спорт (освен мал дел во ракометот) на маргините на државното финансирање.

Ветувањето за „посебно внимание“ и „дополнителна поддршка“ за женскиот спорт е празна флоскула доколку не е врзана со законски минимум (на пример, законска обврска 30% од буџетот да оди за женски спортови).

Акцискиот план за популаризирање на рекреативното планинарење, означување на патеките и реконструкција на планинарските домови е заборавен, покажувајќи ја незаинтересираноста на министерот за спортовите на отворено.

Ветувањето дека Министерството ќе постави рампи за олеснување на пристапот до спортските објекти за лицата со попречености и ќе изгради поливалентна сала за нив претставува уште една болна лага, користејќи ја оваа ранлива категорија само за предизборен ПР.

Програмите во соработка со Агенцијата за вработување за обуки, преквалификација и доквалификација на пензионираните спортисти со цел нивно вклучување на пазарот на труд воопшто не се развиени како функционален систем.

Наместо да го исполни ветувањето за организирање и поддржување на државни и регионални ученички спортски лиги во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка со доделување стипендии, министерот дозволи парите да се одлеваат кај сомнителни федерациски раководства со истечени мандати.

Централизирана моќ

Две години по неговото назначување, може да се констатира дека Министерството за спорт не функционира како државен сервис за развој и заштита на спортистите, туку за клиентелистичка дистрибуција на буџетски средства.

Иако јавно промовираше забрана за спортистите да рекламираат казина и обложувалници, министерот спроведува крајно лицемерна политика бидејќи истовремено прифаќа донации од истите тие казина и обложувалници за изградба на игралишта низ општините.

Наместо да го зајакне постоечкиот систем преку Сојузот на училишен спорт и да ги реализира ветените државни ученички лиги, Министерството форсира и поддржува приватни франшизи како „Плазма Спортски игри за млади“.

Јавноста е целосно лишена од информацијата колку пари чини организирањето на овие игри, додека според сознанијата франшизата чини вртоглави 1.500.000 евра – средства кои нелогично се одлеваат наместо да бидат директно инвестирани во локалниот масовен спорт и училишната инфраструктура.

Институционалната нетранспарентност е доведена до апсурд бидејќи јавноста воопшто не знае кои луѓе се членови на Советот за спорт, тело кое треба да биде клучно за креирање на политиките.

Кога станува збор за транспарентност, Министерството за спорт грубо го крши законот со тоа што нема објавено листа на информации од јавен карактер како елементарен минимум за отчетност, со што институцијата е претворена во целосно затворена тврдина. Се кријат основните кадровски информации: не се знае кои лица се редовно вработени, кои се ангажирани со договор на дело и кој сè зема хонорари од буџетот, што отвора огромен простор за партиски вработувања и испумпување на државни пари преку фиктивни ангажмани.

Најчитано