Во селото Царев Двор во Преспа живее Кирил Прцуловски, производител на храна и застапник на органското производство, кого неговите соселани го гледаат „накриво“. Веќе десет години, наместо хемиски пестициди, тој користи распрскувачи за своите овоштарници со јаболка и цреши што самиот ги произведува од органски состојки. Она што природата го остава како „отпад“, тој го преработува, без употреба на хемикалии, и добива раствор со кој ги штити своите овоштарници од штетници.
Така, тој произведува органски јаболка од сортата „Ајдаред“ и воопшто не се грижи за количините, туку единствената грижа му е здравото, органско овошје, јаболкото што го нарекува „царица“.
Интервјуто со Кирил Прцуловски ја снимивме во неговиот овоштарник каде што го вкусивме јаболкото „царица“ и ја почувствувавме разликата.
Со Кирил Прцуловски разговараше Зоран Бојаровски
Еве не тука во овоштарникот на господинот Прцулски. Приготвивме нешто што личи на импровизирано студио, но во секој случај е автентично.
Дојдовме кај вас затоа што вашиот начин на производство на храна, јаболка, вишни, ќе ни кажете уште дали нешто друго произведувате, се разликува по тоа што вие имате пристап во негувањето, растението, производот што ќе го добиеме да биде органски, да не користите инвазивни средства за прскање.
Ајде јас ќе ви објаснам, ќе го споделиме моето искуство со вас и со јавноста и воопшто со вашите гледачи и слушатели
Прво, за органското. Можеби и како термин „органско“ за македонскиот јазик не е толку своjствено. Многу, многу поблиску би бил биолошкиот или еколошкиот начин на производство, што значи некористење на стандардните конвенционални препарати за нега на растенијата, овошјето, воопшто производството на храна, ами се користат производи кои се биолошки. Значи не користаме отрови, синтетичка хемија, вештачки ѓубрива.
Постојат препарати кои ги користиме во органското производство како готови од увозен карактер кои се поприлично скапички. И ако ја направиме математиката, ќе видиме дека на тој начин производство во Македонија би било тотално неисплатливо.
Јас најдов или пробував некоја друга алтернатива. Односно, произведувам сам препарати.
Тоа сакав да ве прашам. Со кој материјал ги правите?
Сето она што го користи човекот за сопствената исхрана и за сопствена нега, можеме да го користиме во органското производство.
И тоа дава резултат?
Е па еве тука ќе направиме тестирање. Во органското производство влегов како во една голема авантура. Несвесен дека е авантура тогаш, со оглед на тоа дека немав никакви познавања за начинот на органското производство, освен ова што го назначив, дека не смеат да се користат отрови.
Десет години ми требаше време за да добиеме квалитет на листот барем или на овошјето какво што ми го имаме денеска. Ке направите вие снимка од поблизу, ќе видите
Јас не велам дека се најсредени моите насади и дека се најголемиот пример во Македонија, но за квалитетот на листот, на плодот…
Да имаме здрав воздух, да имаме здрава вода, чиста вода и здравата храна. Ако еден од тие фактори недостасува, се руши сè.

Да, еве го плодот тука е пред нас и јас подоцна ќе прашам што е разликата меѓу ова јаболко и стандардното јаболко од другите плантажи. Но, она што мене ме интересира и ние тргнавме од тоа, дека за Преспа беше откриено и беше укажано дека употребата на пестициди од хемиско потекло, вештачките произведени пестициди со кои се прскаат плодовите, понираат и во почвата, а преку почвата и во подземните води, а преку подземните води во езерските води на Преспанско Езеро. Тоа беше констатирано од науката и имаше препорака тоа да се надмине.
Ние не треба да чекаме некој да ни дава препораки, ами треба да си изградиме сами свест како да го заштитиме нашето лично и колективно добро. Оти, Македонија не е на некој од надвор, ами е наша, нели?
И татковина и земја и ако не си ја почитуваме самите, никој нема да ја почитува. Ако не ја чуваме самите, исто никој нема да ни ја чува.
За да имаме здрав живот потребни се три фактори.
Кои се тие?
Да имаме здрав воздух, да имаме здрава вода, чиста вода и здравата храна. Ако еден од тие фактори недостасува, се руши сè.
Доколку се направат испитувања, лабораториски испитувања во современите денешни лаборатории, секогаш наоѓаме остатоци од пестицидите.
Тие се тaложaт во нашиот организам, сe таложат и во почвата. Со тек на време, со годините, тие нормално, како амулирани во почвата допираат и до подземните води, а потоа и до езерото и понатаму во екосистемот.
Е сега, за да ја заштитиме природата, мораме да најдеме поинаков начин на како ќе произведуваме храна.
Вие го направивте вашиот прв чекор. Тоа е личен ваш чекор. Да покажете низ пример како може тоа да се прави. Сакам да ве прашам, како гледаат вашите соседи на вашиот ентузијазам на ваков начин да се занимавате со производство на храна?
Искрено, на многумина им е смешно. Многумина не веруваат во ваквиот начин на производство.
Морам да признам, не само во Преспа и моите комшии, воопшто како Македонци сме малку тешки на промени. Но, верувам дека ќе се смени тој начин на гледање и дека ќе дојдеме до нивото на свест каде што колективно ќе се преориентираме, со помош и од државата.
На таква стаза сега се чувствувам како да сум сега јас, како првиот што ја пробива таа стаза.

Секогаш е така тоа. Луѓето кои предничат, кои се авангарда во било кои други процеси, секогаш прво чудно ги гледаат, заедницата чудно ги гледа. „Што им треба сега таа работа? Зошто се издвојуваат тие луѓе?“
Јас сум свесен за таа работа и ќе ви раскажам една кратка приказна во врска со тоа.
Своевремено после војната имало големи зими. Големи зими, што подразбира и големи падавини од снег. И на овој патот што е од Царев Двор до Ресен, тие пет километри, раскажуваа старите, нели, знаело да има наноси од два, висина од два метри.
Не можело да се пробие поширок пат, ами имало една стаза, само колку да помине еден човек. На таква стаза сега се чувствувам како да сум сега јас, како првиот што ја пробива таа стаза.
Е сега веќе многу полесно, затоа што веќе го имам искуството. Јас кога тргнав немаше ни теоретско знаење.
Спомнавте државата, заедницата. Како може, што треба да направи државата за да го поттикне, да го, да го помогне, да го афирмира овој тип на производство?
Најнапред да се консултира, да се консултира со оние што имаат искуството. Потоа заеднички да направиме една стратегија и долгорочна на пет, десет и сто години, јас би рекол, за во иднина за да можеме да го достигнеме еден степен каде од Македонија ќе направиме една зелена рајска градина, која не ќе мора да се бори за своето име, ами преку производот кој ќе го нудиме Мејд ин Македонија, ние ќе се промовираме низ целиот свет и ќе биде баран овој производ. Зашто ние навистина имаме рајската градина тука.
Ние сме во рајската градина несвесни дека сме во неа.
Ние сме во рајската градина несвесни дека сме во неа.

Како го пласирате, како оди пласманот на јаболкото?
Не е лесно. Морам да признам. Преку интернет, со директна комуникација со потрошувачите.
Она што ме радува е дека и свеста кај купувачите е поголема.
Го забележувате тоа веќе? Дека има сè повеќе и повеќе интерес?
Од една страна, од друга страна, морам да признам дека стандардот во Македонија е многу низок, за жал, и луѓето не можат да си дозволат секојдневно ни обично јаболко да си купи, камоли органско јаболко, со оглед дека цената е нешто повисока од онаа на традиционалото.
Јас го нудам ова јаболко за сто денари со платена доставка до дома.
По килограм?
По килограм, со тоа што јас ја плаќам и патарината, мора одредена количина да се исполни за да биде економски исплатливо.
Добро, еве ова е вашата Царица, брендот Царица што вие го произведувате и јас сега навистина ќе го вкусам, да видам и да ја почувствувам таа разлика.
Ова е на крајот од јаболко производството. Ја затворивме сезоната. Ова се последните примероци од минатата сезона. Сега можеби ја немаат онаа вистинска сочност, но се надевам дека ги чувствувате вкусовите…
Се чувствува…
Со оглед дека ова јаболко е од сортата „ајдаред“, а ние го нарекуваме ајдаредот „царица“ бидејќи се разликува од оној што се најдува по пазарите и кој се препознава по кислеко, красатиот вкус. А какво е ова сега што го пробавте?
Сега е вкусно, благо.
Благо, нели? Епа тоа е, тие се тие разлики од богатството на нутритивните вредности. По дефиниција во ЕУ „ајдаредот“ се дефинира како кисело јаболко со жолта боја и црвени риги. За разлика од тој ајдаред што е таму, ние имаме црвено јаболко со по некоја жолта рига и вкусот воопшто не е кисел, ама може да се рече благо со красатка линија. Таа е разликата.
Разликата е огромна благодарение на ова сонце што не грее и сега, што не милува, а ние не умееме да го продадеме ова…
Ќе го продадеме.
