Фронтекс алармира: Три нации масовно го злоупотребуваат безвизниот режим на Западен Балкан – ЕУ најавува построги мерки

Фронтекс

Русија, Кина и Турција се меѓу земјите чии државјани најчесто го користат безвизниот влез во регионот како отскочна штица за нерегуларно стигнување до Европската Унија, предупредува Фронтекс во најновата проценка на ризикот.

Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс предупредува дека безвизниот режим што го применуваат дел од земјите од Западен Балкан и натаму претставува една од најслабите алки во контролата на нерегуларната миграција кон Европската Унија.

Во својата годишна проценка на ризикот за периодот 2026-2027 година, агенцијата наведува дека државјани на Русија, Кина и Турција продолжуваат да пристигнуваат во земјите од Западен Балкан без визи, по што се обидуваат нелегално да го продолжат патот кон земјите-членки на ЕУ. Меѓу ризичните категории Фронтекс ги наведува и носителите на јордански пасоши од палестинско потекло.

Фронтекс оценува дека во одредени периоди притисокот врз границите може да се намали како резултат на полициски акции, сезонските фактори и зголемените ризици од насилство и киднапирања од страна на криминалните мрежи за шверцување мигранти. Сепак, агенцијата предупредува дека злоупотребата на безвизниот режим нема да престане и ќе остане сериозен безбедносен предизвик.

Според анализата, миграциските движења во регионот и понатаму ќе бидат тесно поврзани со случувањата на источномедитеранската рута, а балканскиот коридор ќе остане една од главните траси за нерегуларен влез во Унијата.

Во извештајот се посочува дека неусогласената визна политика на земјите од Западен Балкан и натаму овозможува воздушните линии кон регионот да се користат како почетна точка за обиди за нерегуларно влегување во Европската Унија.

Посебно се издвојува западнобалканскиот коридор, кој минува низ Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска кон Словенија и Австрија, а кој, според проценката на Фронтекс, и во наредниот период ќе остане доминантна рута за миграциските движења што доаѓаат од источниот Медитеран.

Предупредувањата на европската агенција доаѓаат во време кога Брисел веќе подолг период бара од земјите од Западен Балкан целосно да ја усогласат својата визна политика со онаа на Европската Унија, токму за да се затвори можноста безвизниот режим да биде злоупотребуван како „задна врата“ за влез во ЕУ.

Најчитано