Колку деца треба да бидат тепани, горени и снимани за системот конечно да се разбуди?

Каде се родителите пред детето да стане насилник? Каде е училиштето пред коридорот, дворот, паркчето или групниот чет да се претворат во место на линч? Каде се стручните служби пред некое дете да почне да се плаши од училиште? Каде е системот пред снимката да стане доказ, а не превенција?

Стефан РИСТЕСКИ

Има нешто труло во оваа држава. Не само во тоа што деца тепаат деца. Не само во тоа што девојчиња понижуваат девојчиња. Не само во тоа што ученици носат ножеви, снимаат напади, палат со цигара, уценуваат, исмеваат, туркаат други деца кон раб од прозорец, ги малтретираат со месеци и потоа тоа го пакуваат како „детска работа“.

Најстрашното е што системот најчесто се буди откако некое дете веќе ќе биде скршено.

Откако ќе се појави снимка. Откако ќе реагираат родителите. Откако ќе зоврие јавноста. Откако медиумите ќе ја пренесат приказната. Откако детето веќе ќе помине низ страв, срам, болница, психијатар, полиција и уште еднаш низ јавната изложеност на сопственото понижување.

Последниот случај во Аеродром повторно ја отвори истата болна слика: полицијата ги идентификува младите насилници, со девојчето-жртва е разговарано во присуство на родител, известен е јавен обвинител. Добро е што се постапува. Но прашањето не е само дали ќе бидат најдени тие што тепале. Прашањето е зошто повторно стигнавме до видео, до јавен шок и до реакција по настанот.

Зошто секогаш чекаме детето да стане случај?

Од почетокот на годинава, според податоците презентирани од институциите, во Македонија се евидентирани 93 инциденти меѓу ученици во 64 училишта. Тоа значи дека во просек речиси на секои два дена има нов случај на врсничко насилство. Ова веќе не е серија инциденти. Ова е состојба. Ова е аларм. Ова е огледало во кое државата не сака да се погледне.

Да ги наредиме само јавно познатите случаи од оваа година:

Во јануари, во Струмица биле пријавени тројца малолетници поради сомнение за насилство врз дете, односно врз соученик.

На крајот на јануари, во Кичево било пријавено дека неколку малолетни лица физички нападнале друг малолетник.

На 27 февруари, во основно училиште во Ѓорче Петров, 13-годишен ученик бил физички нападнат од друг ученик и се здобил со тешки телесни повреди.

На 2 март, во дворот на основно училиште во Чаир, 15-годишно момче било нападнато од неколку малолетници од друго училиште.

На 2 март, во основно училиште во Чаир, 14-годишно девојче било физички нападнато од соученичка.

Во Куманово, во еден ден биле пријавени три случаи: момче нападнато во училишен двор во Долно Којнаре, малолетна ученичка нападната од соученици во основно училиште во Куманово и 12-годишно дете кое, според пријавата, подолг период било навредувано, исмејувано и наведувано да скокне од прозорец во училница.

На 12 март, во Аеродром, малолетна ученичка била нападната од две соученички кои биле во друштво со уште три малолетнички, а една од нив го снимала инцидентот.

На 15 март, во парк во Ѓорче Петров, малолетник бил физички нападнат од друг малолетник.

На 14 март, во Чаир, 16-годишно момче било нападнато пред угостителски објект од друг малолетник кој го познавал.

На 16 март, во Битола, во средно училиште биле пријавени два случаи на физички напади меѓу ученици во ист ден.

На 26 март, во Тетово, 13-годишно девојче било нападнато од четири повозрасни ученички за време на спортски турнир на фудбалско игралиште во основно училиште.

Во Ѓорче Петров, 13-годишно девојче било жртва на два одделни напади на 27 и 30 март. Подоцна беше објавено дека против четири малолетнички е поднесена кривична пријава, а од нападите биле направени видеозаписи и фотографии што завршиле на социјална мрежа.

На 22 април, во Драчево, татко пријавил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од соученик.

На 23 април, во основно училиште во Арачиново, малолетник бил повреден со остар предмет од соученик.

Во април, јавноста ја вознемири и случајот со девојче од Ѓорче Петров кое било понижувано, физички нападнато и горено со цигара од соученички. Дел од насилството било снимено со мобилен телефон. Девојчето побарало лекарска и психијатриска помош.

На 8 мај, во дворот на основно училиште на подрачјето на Бит Пазар, ученичка била физички нападната од соученичка, а нападот го снимал нејзин соученик.

На 11 мај, во ООУ „25 Мај“ во Ченто, 15-годишник со остар предмет тешко повредил 15-годишен ученик. Детето било оперирано и било во критична состојба.

Во Прилеп, родител пријавил дека неговото малолетно дете било физички нападнато од соученици за време на час по физичко образование, а еден од учениците го снимал нападот со мобилен телефон.

На 14 мај, во Аеродром, 18-годишен ученик бил физички нападнат од двајца врсници кои, според пријавата, подолго време го малтретирале и вознемирувале во кругот на средното училиште. Случајот, според пријавата, претходно бил познат и во училиштето.

На 18 мај, во средно училиште во Карпош, 17-годишна девојка била физички нападната од соученик, а според пријавата на таткото, подолг период била и психички малтретирана.

На 19 мај, во Прилеп, била пријавена малолетничка нападната од група врсници.

На истиот датум, во Тетово бил пријавен случај во кој малолетник бил нападнат со метален предмет од тројца соученици.

И сега, на 1 јули, повторно Аеродром. Повторно малолетници. Повторно девојче. Повторно снимка. Повторно полиција. Повторно јавноста згрозена. Повторно сите прашуваат: што се случува со децата?

Но прашањето мора да биде потешко: што се случува со возрасните?

Каде се родителите пред детето да стане насилник? Каде е училиштето пред коридорот, дворот, паркчето или групниот чет да се претворат во место на линч? Каде се стручните служби пред некое дете да почне да се плаши од училиште? Каде е системот пред снимката да стане доказ, а не превенција?

Министерката Весна Јаневска вели дека насилството во школо најчесто почнува од дома. Тоа е точно, но не смее да стане алиби. Ако насилството почнува од дома, училиштето мора да го препознае. Ако училиштето го препознае, институциите мора да реагираат. Ако институциите реагираат, родителите мора да бидат дел од процесот. Ако сите молчат, тогаш детето останува само.

А детето не смее да биде само.

Не смее да биде само кога го навредуваат. Не смее да биде само кога го снимаат. Не смее да биде само кога го тепаат. Не смее да биде само кога ќе собере храброст да каже. Не смее да биде само кога возрасните ќе му кажат: „ајде, деца сте, ќе помине“.

Не поминува.

Снимката не поминува. Срамот не поминува. Стравот не поминува. Траумата не поминува затоа што директорот дал изјава, полицијата отворила предмет или министерството најавило протокол.

Системот што реагира само кога ќе има видео не е систем. Тоа е пожарникарска служба за јавен гнев.

А Македонија не смее да чека нова снимка за да сфати дека децата ни се небезбедни. Не смее да чека нов нож во училиште. Не смее да чека ново девојче горено со цигара. Не смее да чека ново дете хоспитализирано на психијатрија. Не смее да чека нов родител што ќе трча од училиште до полиција, од полиција до болница, од болница до медиум, за некој конечно да го слушне.

Ова не е само прашање на казна. Ова е прашање на држава.

Државата мора да знае кое дете е жртва. Кое дете е насилник. Кое дете молчи. Кое дете снима. Кое дете се смее додека друго дете плаче. Кое училиште пријавило. Кој педагог реагирал. Кој директор премолчал. Кој родител одбил соработка. Кој центар за социјална работа бил вклучен. Кој случај завршил со мерка, а кој со заборав.

Зашто зад бројката 93 не стои статистика. Стојат деца.

Стојат лица што утре повторно треба да влезат во истата училница. Да седнат во истата клупа. Да поминат покрај истиот ходник. Да ги видат истите погледи. Да слушнат исто смеење. Да живеат со страв дека нивната болка повторно може да стане содржина за нечии телефони.

Затоа, да престанеме да се лажеме. Врсничкото насилство не е „детска караница“. Не е „фаза“. Не е „мала тепачка“. Не е „ќе се среди“.

Врсничкото насилство е пораз на семејството, училиштето, институциите и целото општество.

И ако државата не може да го заштити детето во училиште, тогаш каде точно детето треба да биде безбедно?

Најчитано