3.000 првачиња помалку, 148 празни училишта: СДСМ ја обвини Владата дека младите заминуваат, а работниците се увезуваат

СДСМ

Падот на бројот на првачиња, затворањето на подрачни училишта и намалувањето на бројот на паралелките се доказ за сериозен демографски проблем со кој Македонија се соочува, оцени опозицискиот СДСМ, обвинувајќи ја Владата дека наместо да ги задржува младите, се подготвува да го надоместува недостигот од работна сила со увоз на работници од трети земји.

Од СДСМ велат дека почетокот на учебната 2026/2027 година ја покажува, како што оценуваат, „најлошата слика за македонското образование од независноста до денес“.

Како аргумент ги посочуваат податоците за новата учебна година – околу 3.000 првачиња помалку, 148 празни училишта, 433 паралелки помалку и затворање на 26 подрачни училишта.

„Македонија губи првачиња, училиштата се празнат, паралелките исчезнуваат, ја губиме иднината“, порачаа од опозициската партија.

Според СДСМ, зад овие бројки стојат пошироки економски и демографски процеси – иселувањето на младите, намалувањето на работоспособното население и економската несигурност.

Од партијата го поврзуваат демографскиот пад и со политиките на актуелната Влада, обвинувајќи ја дека не презема доволно мерки за задржување на младите и за создавање услови тие да останат и да основаат семејства во земјата.

Особено ја критикуваат политиката на привлекување странска работна сила.

СДСМ го цитира премиерот Христијан Мицкоски, кој во едно интервју изјавил дека „празниот простор дома ќе мора да се пополнува со работници од трети земји“, и ова го толкува како доказ дека Владата се подготвува македонскиот недостиг од работна сила да го решава со увоз на „економски работници“.

„Тоа е политиката на Мицкоски, македонските работници да ги заменат економски работници од трети земји“, оценија од СДСМ.

Опозицијата дополнително ја обвини Владата за, како што наведуваат, „блокирање на европскиот пат“ и изолација, за кои сметаат дека придонесуваат кон иселувањето на младите.

Критиките доаѓаат во момент кога демографските последици веќе се видливи и во образовниот систем. Помалку деца значат помалку ученици, помалку паралелки и постепено затворање на училиштата во средини каде што нема доволно запишани ученици.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?