Германската воена морнарица во текот на ноќта успешно тестираше балистички ракетен систем од израелско производство со домет до 500 километри во водите на Северниот Атлантик, потврди германското Министерство за одбрана. Воената проба на системот „ЛОРА“, развиен од компанијата „Israel Aerospace Industries“, се случи само неколку часа откако Берлин официјално ја обвини Москва за обид за напад со беспилотни летала врз карго-аеродромот Лајпциг/Хале. Овој чекор претставува директен одговор на германските власти на растечките безбедносни закани на источното крило на континентот.
Тестирањето беше изведено во строга тајност во морскиот појас меѓу Ирска и Исланд, каде што беа распоредени две германски воени фрегати. Германија досега воопшто немаше балистички ракети во својот арсенал, бидејќи овие проектили развиваат значително поголеми брзини во споредба со стандардните крстосувачки ракети и можат да пробијат комплексни системи за противвоздушна одбрана.
Официјален Берлин со месеци води интензивни преговори со западните сојузници за итно зајакнување на капацитетите за длабински прецизни удари. Командантот на германската воена морнарица, вицеадмирал Јан Кристијан Как, по завршувањето на тестирањето истакна дека ова оружје поставува сосема нов воен стандард за заштита на територијата.
„Нашите единици покажаа дека можат успешно да го користат овој систем, а неговиот потенцијален домет ги надминува сите капацитети што сме ги имале досега. Кога станува збор за заштитата на Германија и на нашите сојузници, овој тест означува ново поглавје во одвраќањето и подготвеноста за поморска одбрана“, изјави вицеадмиралот Јан Кристијан Как.
Покрај интеграцијата на израелските проектили од типот „ЛОРА“, германските вооружени сили работат и на надградба на сопствениот арсенал на крстосувачки ракети „Таурус“. Воените магацини моментално бројат околу шестотини вакви ракети наменети за уништување бункери, мостови и логистички центри длабоко зад непријателските линии, а новата верзија „Таурус НЕО“ треба да влезе во сериско производство до 2029 година.
Германските одбранбени институции најавија дека со ова тестирање се отвора патот за трајно опремување на германските фрегати со поморски балистички капацитети. Ваквиот потег јасно укажува дека Германија ја напушта децениската дефанзивна доктрина и гради моќни офанзивни сили кои суштински ќе ја редефинираат безбедносната архитектура на целиот европски континент.

